Министерот Филипче најави 200 илјади вакцини од Кина…

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека кинеските вакцини ќе бидат првите кои ќе пристигнат во земјава, истакнувајќи дека тоа најверојатно ќе се случи до крајот на овој месец.

„Ние сме во завршната фаза од преговорите и практично во месец февруари, првата количина на вакцини која ќе пристигне во нашата земја, ќе бидат кинеските вакцини. Не би шпекулирал со точниот датум, меѓутоа за многу кратко време ќе го знаеме и тоа и потоа ќе го објавиме “, изјави Филипче, пренесува plusinfo.mk.

Првиот човек на македонското здравство порача дека станува збор за 200 илјади вакцини кои треба во земјава да пристигнат до крајот на месецов.

Филипче исто така додаде дека продолжуваат и контактите со „Фајзер“, со претставништвата во Србија и Романија каде се чекаат документите за да им се дозволи на Србите да ги извезат вакцините во Македонија.

Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека земјава разговарала со НАТО и со Вашингтон и заедно утврдиле дека набавката на вакцините од Кина не е геополитичко прашање, туку суверено право на секоја држава.

– Правиме обиди да набавиме вакцини од секаде каде што ни се достапни. Оваа недела ќе се заокружи постапката за некаде од 10 до 15 февруари да добиеме и кинески вакцини. Во самата постапка ќе ја следиме компетитивноста, за да добиеме поповолни услови, а обезбедивме и домашен партнер за спроведување на постапката, тоа е компанијата „Алкалоид“ – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Translate »