Епидемиолози: Во Србија најверојатно пристигна новиот, најзаразен вид коронавирус
Српските епидемиолози и виролози денеска предупредија дека во наредните денови тестовите на крвта може да покажат дека кракен, најзаразната варијанта на коронавирусот, пристигнал во Србија.
Според нивната проценка, кракенот најверојатно веќе се појавил во Србија, а вирологот од Медицинскиот факултет на белградскиот универзитет Александра Кнежевиќ за порталот Нова.рс изјави дека се очекува анализата на новите примероци на крв да го потврди тоа во наредниот период.
Кнежевиќ оцени дека бивалентните вакцини достапни за граѓаните нудат одреден степен на заштита од кракен. Таа предложи пациентите со намален имунитет и постарите лица прво да ја примат бивалентната вакцина.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ оцени дека кракенот ќе стане доминантен во Србија во наредните недели, особено во февруари.
Радовановиќ предупреди дека бројот на заразени со кракен се удвојува за осум дена, па оттука и проценките за врвот во февруари.
Тој нагласи дека „не се очекуваат драматични ситуации“ бидејќи речиси сите граѓани или се вакцинирани или се опоравиле од ковид.
Радовановиќ истакна дека кракенот не предизвикува потешка клиничка слика, дури и кај оние кои се најосетливи, но дека заразени се лицата кои не го прележале коронавирусот или кои не ја примиле вакцината.
Оние кои примиле бивалентна вакцина можат да бидат „релативно мирни“, рече Радовановиќ.