Почина битолчанката Тулај Нурединова Мустафа„За долг од 5000 евра и беше земена куќата, дури и алиштата, извршителите и го уништија здравјето“
Активистката за социјални права, Ана Глигорова на нејзиниот профил на Фејсбук, објави пост за смртта на битолчанката Тулај Нурединова Мустафа, жена која со години ја барала правдата и на која заради долг од 5.000 евра и била одземена куќата, па дури и алиштата.
-Tulaj Nuredinova Mustafa прекрасната граѓанка од Битола, на која за долг од 5000 евра и беше земена куќата денеска не напушти прерано, замина во вечноста. Ми зборуваше дека извршителот дури и алиштата и ги земал, не спиеше со години со голем терет во душата. Пријавуваше кај Народниот Правобранител, во ОЈО, беше константно присутна на сите наши протести, беше и на разговор во министерството со надлежните. Бараше правда, беше борец, невидено храбра, стана бездомник, но остана со достоинството како сјајна ѕвезда. Светол да ти е патот Тулај. Ние ќе продолжиме да се бориме без здив, за правда. Најважно од се, Тулај е донор на своите органи, после физичката смрт, ја покажува својата чиста душа која е вечна, пишува Глигорова.
По оваа објава следуваат и низа коментари, а најголемиот дел од нив се однесуваат на извршителите:
– Нека ја носат на совест. Никогаш да немаат мир во душите. Сон да не го фаќа. Сенката нејзина цел живот спокој да не им дава. Нека и вечен споменот на Тулај, пишува во еден од коментарите.
Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот Универзитет во Битола напиша:
-Просто не ми се верува за оваа трагедија. Заедно учевме, никогаш не би помислил дека може да ја снајде ваква несреќа. Нека почива во мир.