Македонци се вакцинираат во Врање: „Бесплатно е за сите што сакаат да се вакцинираат“
Македонски граѓани аплицираат на српскиот портал за вакцинација против Ковид-19, со оглед на тоа што е оставена опција за вакцинација да се пријават и лица кои немаат српско државјанство и кои немаат српска адреса за престој. Потребен е само српски телефонски број.
Досега околу 70 граѓани од Македонија кои имаат српско државјанство се вакцинирани против коронавирус на контролниот пункт во Врање.
„Бидејќи не можев да ја примам вакцината во Скопје, а сум двоен државјанин и на Македонија и на Србија, поднесов барање до Е-управа да ја примам вакцината. Тие ми излегоа во пресрет и ми го испратија датумот кога треба да ја примам вакцината“, изјави Зоран Симоновски од Скопје за „РТС“.
Исто така, македонска државјанка со која што „Слободен печат“ стапиле во контакт, успеала да се вакцинира во Србија, со едноставно пополнување на веб апликацијата објавена на страницата на српскиот Институт за јавно здравје. Меѓутоа, таа имала и привремен престој односно адреса во Србија, поради работното место.
„Ја пополнив апликацијата, оставив мои податоци и за 10 дена ми се јавија. Селектирав руска или кинеска вакцина на изборот со која вакцина сакам. Бесплатно е за сите што сакаат да се вакцинираат. На Нови Београд се вакцинирав зашто по адреса ми даде дека најблиску ми даде таму дека можам. Кога аплицирав имав избор дали преферирам некоја вакцина во прашалникот. На 25 јануари ја примив првата, сега чекам втора доза. Само приложив македонски пасош, во кој што имам налепница за одобрен престој бидејќи работам овде. Ама на апликацијата видов дека има и опција без регулиран престој да се пријават граѓани, затоа мислам дека не е лошо да се проба, да се пополни“ вели жената за Слободен печат инсистирајќи на анонимност.