До трето одделение ќе се учи општество,од четврто до деветто предметот историја и општество
Општествени науки ќе изучуваат учениците од прво до трето одделение. Предметот ќе се вика oпштество, а од четврто до деветто одделение предметот ќе се вика историја и општество. Овој интердисциплинарен пристап ќе им овозможи на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини во реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и променливи.
Како што пренесува Факултети, ова било кажано на денешната јавна расправа на седницата на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, на која присуствуваа многу наставници, професори, претставници на МАНУ, ЗЕЛС, претставници на амбасади, на меѓународни организации.
Нацрт-концепцијата за основно образование ја презентираа претставници на работната група, а свое обраќање имаа министерката Мила Царовска и премиерот Зоран Заев.
Во воведното обраќање, премиерот Заев рече дека нема да се брза со образовната реформа и ќе биде од најголем интерес за децата.
„Со таков нов, иновативен и применлив образовен модел да му овозможуваме на секое дете преку образовниот процес да го постигне својот максимален потенцијал“,
рече Заев.
Тој додаде дека процесот се прави за учениците и затоа се спроведува со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата.
„Ги бараме и идентификуваме најдобрите предлози за да креираме концепција за училиште што нé учи да учиме. Да го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и да ги поттикнеме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети“,
додаде Заев.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, рече дека заедничкиот заклучок од целиот овој процес на дебати што ѝ претходеше на денешната јавна расправа е дека реформи во образованието се нужни и овој процес не смее да запре.
„Нужни се затоа што се во интерес на сите деца во државата. Процесот не смее да запре, затоа што секоја учебна година, секој ден во кој нашите деца учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна наставна програма нанесуваат огромни последици на младите генерации. И за тоа имаме непобитни факти како што се резултатите од домашните и меѓународните тестирања и анализи“,
рече Царовска.
Професорот Кирил Барбареев, член на работната група, рече дека неговата визија е основното образование да биде основа на вредности и да се засака учењето, науката, татковината и да се создадат генерации кои ќе се натпреваруваат низ светот.
„Кога ќе отидат на натпревар по физика и математика во Франција да се вратат со награди, таму да ја слушнат македонската химна. Кога ќе отидат на натпревар по историја во Белград, Софија и Атина да се вратат со најдобри резултати, да бидат подобри од соседите во знаење. Тоа е тој културен натпревар помеѓу народите. Оваа држава секогаш имала добри учители. Првите одлуки на АСНОМ се отворање на учителските школи. Тој ентузијазам, таа енергија која била во тие години сме ја загубиле ние некаде во овие 30 години. Враќањето на статусот и реномето на наставничката професија не е само поврзана со зголемување на плата“,
нагласи Барбареев.
Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, изрази сомнеж дека новата концепција ќе донесе резултати и ќе го подобри квалитетот на образовниот систем. Според неа, целата оваа концепција личи на некаков спин, за оттргнување на вниманието од други значајни теми во државата.
„Се подготви во затворен круг и со светлосна брзина, без консултација и на наставничките факултети, а ова што сега има јавна расправа е изнудена реакција. Концепцијата не се темели на систематска анализа и поставеност со останати потсистеми, има низа пропусти и неуредени прашања, како предучилишното образование, не е регулуирано прашањето за настава во комбинирани паралелки, за продолжениот престој во училиштата и за учење во домашни услови, за работата со ученици со попречености и со надарени учен“,
рече Јаневска.