Џозеф: Северна Македонија има закана од Бугарија, која не ги признава македонската историја и идентитетот
Само граѓаните на оваа земја може да кажат што е закана за македонскиот идентитетот, тоа не може да го каже никој од страна, ниту ЕУ ниту САД, изјави денеска професор Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ од САД при неговата посета на Скопје.
Професорот вели дека земјата има закана од Бугарија, која не ги признава македонската историја и македонскиот идентитет и со тоа го нарушува духот на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија.
„Однесувањето на Бугарија е сè, само не пријателско, дури е и непријателско“, вели Џозеф, кој учествуваше на меѓународна конференција посветена на украинската криза, пренесе Радио Слободна Европа.
Според него, ЕУ и САД направиле грешка и не ја ставиле Бугарија на исто рамниште како што беше Грција во преговорите со Северна Македонија.
Во таа насока Џозеф смета дека договорот од Преспа е фер компромис по што земјата стана членка на НАТО. Од друга страна, францускиот предлог со кој се тргна бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ не е тоа.
„Францускиот предлог ѝ дава надредена позиција на Бугарија, а тоа исто е грешка на Европската Унија“, вели Џозеф.
Тој денеска во Скопје учествуваше на седумнаесеттата годишна меѓународна конференција за нови идеи на тема „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“, во организација на Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје (УАКС) во соработка со УНХЦР во Северна Македонија.