Милошоски пред да биде министер, бил осуден за фалсификување на исправи во Германија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски бил осуден за две дела во Германија, една година пред да биде назначен за министер за надворешни работи во Македонија, дознава „А1он“.

Од документите до кои дојде А1он  се гледа дека судот во градот Ахен, пресудил дека Милошоски сторил дело фалсификување на исправи. Нему му била изречена поблага казна, иако за двете дела, според актуелниот Кривичен законик на Германија, се предвидува и казна затвор.

Од документите, се гледа дека пресудите се донесени во 2004/2005 година. Милошоски негира дека бил осудуван во Германија и дека сторил кривични дела, а потврдува дека во тој период престојувал таму.

Во изјава за „А1он“, актуелниот пратеник посочи дека сепак, точниот одговор за тоа дали сторил кривични дела може да го даде Амбасадата на Германија или германското МНР. Тој негира дека сторил фалсификување на исправи или друго кривично дело.

Прашан дали смета дека високи функционери и пратеници не смеат да бидат лица кои се
осудувани за кривични дела кои можат да ги повторат со извршување на функцијата – не
одговори конкретно. Милошоски вели дека според него, ограничувања за извршување на
функции треба да има за посебни позиции.

Според документите до кои дојде „А1он“, Антонијо Милошоски е осуден во ноември 2004 и ноември 2005 година. За двете дела требало да плати парични казни. Девет месеци потоа, односно август 2006 година, тој беше назначен за министер за надворешни работи во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Дописите за сторени кривични или прекршочни дела во странство, земјите ги
доставуваат до Министерството за правда, од каде, потоа, ги препраќаат во надлежните
судови и се составен дел од досието на казнетиот.

Од Кривичниот суд во Скопје за „А1он“ велат дека според Законот за управување со движење на предметите, податоци од казнена и кривична евиденција може да побара само барателот лично или негов полномошник со уредно полномошно.

Translate »