Британскиот вид коронавирус утврден кај 45 лица во земјата

Министерството за здравство информира дека во лабораторијата на ИЦГИБ  – МАНУ, во периодот од 1 јануари до 7 февруари, е утврдено присуство на СарсКов2 од Велика Британија кај 45 примероци на брисеви од заразени лица.

„Првиот пациент со овој тип на вирус во оваа лабораторија е дијагностициран на 13.1.2021 во Охрид и оттогаш неговата застапеност прогресивно се зголемува. Во моментот оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присустен и кај одредени пациенти во други градови: Тетово, Струга, Куманово, Штип, Велес.

Овие резултати се базираат на скрининг за присуство на 2 мутации што го карактеризираат овој сој кај повеќето од новозаразените пациенти дијагностицирани во оваа лабораторија (>400), како и со секвенционирање на целите геноми на вирусите детектирани кај >50 од овие пациенти“, се наведува во извештајот.

Анализите на МАНУ, како што се додава, не утврдиле присуство на британскиот вид на коронавирусот кај вработените на Клиниката за нефрологија, каде што за кус временски период беа заразени повеќе здравствени работници.

Министерството за здравство апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките што се во интерес на заштита на здравјето на сите.

Translate »