Децата учат само кога се чувствуваат добро-Вели германскиот невронаучник Гералд Хитер

Децата учат само кога се чувствуваат добро, а одушевувањето поради нови откритија и спознанија го поттикнува понатамошниот развој на мозокот, вели познатиот германски невронаучник Гералд Хитер, автор на книгата „Секое дете е надарено“. Од друга страна, ако на детето постојано му зборуваме како треба да се однесува, тоа е дресура. Дознајте зошто Пипи Долгиот Чорап е идеален модел.

Гералд Хитер е професор по невробиологија на Психијатриската клиника при Универзитетот во Гетинген, Германија, и со години се залага научните резултати да се воведат во праксата.

Во книгата „Секое дете е надарено“ напишавте дека децата доаѓаат на свет со различни таленти. Оттука не треба да се ограничи поимот надареност само на оние деца што се надарени на интелектуално поле.

Во денешниот свет сметаме дека е особено важно ако некој брзо сфаќа, ако може да запомни многу работи и ако е добар во аналитичко размислување. Но тоа не е секогаш така и веројатно нема да остане така засекогаш. Можеби за 50 години ќе ги сметаме за надарени оние деца што ќе имаат посебни таленти на социјално или на емоционално поле.
Одушевувањето е важно за развојот на мозокот!

Фото: www.gerald-huether.de

Напоменувате дека кога родителите му ги проектираат своите соништа, желби и очекувања на детето, тоа значи дека всушност „можат да му го уништат мозокот во текот на развојот“. Што позитивно влијае врз невролошкиот развој?

Позитивна, отворена околина, исполнета со љубов и мотивација, околина која го инспирира детето храбро да го истражува светот. Имено, секое ново откритие, секое ново сознание и способност во мозокот на детето предизвикува буица од одушевување каква што ние возрасните повеќе и не можеме да замислиме. Тоа воодушевување од самите себе и од она што може да се открие е најважниот двигател за понатамошен развој на мозокот. Но, оној што на своето дете му го оневозможува стекнувањето искуство од сопствената ефикасност и постојано му кажува што треба да прави, го претвора во објект на своите идеи, тогаш тој го засекува неговото одушевување во корен.

КОГА ДЕТЕТО ЌЕ СТАНЕ ОБЈЕКТ

Можете ли подетално да го објасните тој поим објект?

Во првите недели и месеци од животот на детето му е доволно само да ѝ се насмее на мајката и таа веднаш ќе му возврати со насмевка. Тогаш мајката просто блеска. Тоа се случува непосредно, без никакво вреднување. Тогаш мајката му се обраќа на детето како на субјект. Тоа не треба ни малку да се напрега за да добие таква реакција. Значи тоа се случува само по себе, па во детето се развива голема желба чекор по чекор да испробува што уште може да открие и да создаде. Но, во еден момент неговите постапки престануваат да предизвикуваат воодушевување кај мајката, дури и почнуваат да ја нервираат и лутат врз основа на нејзините идеи дека тие постапки треба да се укинат. Во моментот кога веќе не се обидуваме заедно да откриваме што е добро, туку едноставно му кажуваме што треба да направи, го претвораме во објект на нашите сопствени процени и вреднувања. Тоа е дресура. Одлучувачки е моментот во кој детето првпат ќе почувствува дека станува објект, дека не треба да биде такво какво што е, туку, за да биде сакано, мора да се однесува онака како што замислиле родителите. Тоа е многу болно искуство.

Кои се последиците, што се случува во таквите случаи со екстровертните, а што со интровертните деца?

Детето што често било објект начелно има две можности. Децата што се повеќе екстровертни, оние што до тој момент имале поголема слобода и простор за истражување, едноставно истапуваат од таа поврзаност и другите ги претвораат во објекти; во себе ќе си речат „Глупава мајка“. На тој начин повеќе не чувствуваат болка. Некои деца до тој степен ја отелотворуваат таа стратегија што цел живот ги искористуваат другите за сопствена добивка, и дури се многу успешни во тоа.

Интровертните деца, пак, сами се претвораат во објект на вреднување, тие си велат: „Јас ништо не знам, јас ништо не вредам“. Тоа е став кој во пубертетот често води до автодеструктивно однесување, на пр., булимија.
Родителите мора да ја задржат водечката позиција, но воедно на детето треба да му го дадат целиот простор што му е потребен за да се чувствува како субјект. Со други зборови: детето мора да учествува во обликувањето на целиот процес зашто тоа е единствен начин на кој може да развие вистинска преданост и одушевување за нешто. Стратегиите на дресура ни малку не помагаат.

ПИПИ ДОЛГИОТ ЧОРАП КАКО МОДЕЛ

Кој би бил Вашиот најголем совет за родителите?

Мојот најголем совет до родителите е да им овозможат на децата дружење и со други возрасни лица за да стекнат различни искуства. Баби, дедовци, тренерот по фудбал, соседите – колку повеќе луѓе ќе запознае детето, толку е поголема шансата меѓу нив да се најде некој што ќе го види и ќе го сака онакво какво што всушност е. Во присуство на такви личности детето ќе има шанса да се развива отворено и да го искористи целиот свој потенцијал. Баш како Пипи Долгиот Чорап – таа одговара на тој модел. Таа е карактеристична, дива и тврдоглава – но воедно претставува страв на секој родител. Но затоа има бујна фантазија, одговорна е за своите постапки и лесно се одушевува. Пипи Долгиот Чорап разви неверојатен потенцијал.
Верувам дека родителите повеќе би уживале да имаат такво дете отколку некое што секогаш ќе се приспособува на нивните идеи и барања, додека на крајот не дојде до тоа да не може да се поднесе себеси. Децата учат само кога се чувствуваат добро.

Истакнувате дека за трајно учење на мозокот му е потребно, пред сè, одушевување. Од што зависи успехот во учењето?

Децата знаат каков би можел да биде животот. Кога некое дете има чувство дека околината не го гледа такво какво што е, и дека би требало да биде поинакво, и дека се воспитува да биде поинакво, тогаш тоа се чувствува како објект. Некој кон кој воспитните мерки се однесуваат како спрема објект не може да се чувствува поврзан, тој се чувствува исклучен.
Така детето што оди во трето одделение, а мајка му сè уште секој ден го носи за рака во училиште, нема задоволена потреба за автономија. Кога така се кршат нечии потреби, таа личност чувствува болка.
Невронауката потврдува дека секојпат кога нема да се задоволат таквите основни потреби, во мозокот доаѓа до активирање на исти невронски обрасци како и кога личноста чувствува физичка болка. За сигнализација на нарушувањата во социјалните односи мозокот ги користи истите мрежи на неврони со кои сигнализира и нарушувања во внатрешноста на телото. Бидејќи тоа боли, детето не може да се грижи за ништо друго – особено не за математика или за некоја песна.

Затоа децата можат да учат само тогаш кога се чувствуваат добро.

Автор: Гордана Колановиќ

Извор Deca.mk

Translate »