Оксфорд и „Астра Зенека“ почнуваат тестирање на нивната вакцина кај деца
Универзитетот Оксфорд и компанијата „Астра Зенека“ ќе почнат со тестирање на ефикасноста на нивната вакцина кај деца.
Испитувањето ќе се врши кај деца на возраст од 6 до 17 години, а првите вакцини треба да бидат дадени до крајот на месецов.
Во испитувањето, пренесува „Би-би-си“, ќе се вклучат 300 волонтери.
Главниот истражувач во испитувањето, Ендру Полард, потенцира дека повеќето деца досега не се заразиле со ковид-19 и веројатно нема ни да се разболат, но важно е да се утврди безбедноста на вакцината и имунолошкиот одговор кај децата и младите затоа што некои деца би можеле да имаат корист од неа.
Од Оксфорд соопштија дека ова ќе биде прво тестирање на вакцината кај оваа возрасна категорија и со него ќе се мери само ефикасноста на вакцината.