Зара Зафировска: Со тенисот го живеам својот сон!
Зара Зафировска е 13 годишна девојка од ОУ Јохан Хајнрих Песталоци. Талентирана тенисерка која со својата посветеност и желба создава позитивен впечаток.
Амбициозна млада девојка, која досега има освоено повеќе национални тениски првенства за девојчиња до 8,10,11, 12 и 14 години, пасиониран вљубеник во тенисот, и која секое слободно време го користи за да игра тенис. Напорно работи и тренира за да биде како што вика “најдобрата тенисерка на свoето време”.
После двочасовен тренинг во тенискиот клуб ТОП ТИМ тенис, поразговаравме со Зара, токму на тениски теми.
- Од каде љубовта кон тенисот?
-Љубовта кон тенисот започна сосема спонтано, кога од моите родители на подарок го добив мојот прв рекет
- Од колку години почна да тренираш, колку пати неделно тренираш, и со кого?
– Почнав да тренирам од мојата шеста година. После паузата од 6-7 месеци поради Ковид 19, тренирам секој ден по 2 часа. 6 дена во неделата со мојот тренер Никола Пановски Ниџо
- За да се биде успешен во било кој спорт, а посебно во тенисот, потребен е талент но и напарна работа. Што е тоа што тебе те мотивира?
– Точно, потребна е напорна работа и многу одрекувања од многу секојдневни задоволства кои ги имаат повеќето од децата на моја возраст. Мене ме мотивираат најдобрите играчи на денешницата од машка и женска конкуренција, нивната посветеност и желба за победа. Сакам да играм со поискусни тенисери од мене и преку спаринзи да се мотивирам да бидам уште подобра.
- Колку твоите родители те поддржуваат?
– Најголемата и безрезервна подршка ја добивам од моите родители кои покрај мојот тренер и мојата напорна работа се најзаслужните за моите успеси. Всушност мојата огромна љубов кон тенисот е благодарение на нив
- Која е твојата омилена тенисерка, а кој омилен тенисер?
-Мојата омилена тенисерка е Аријана Сабаленка, а мој омилен тенисер е се знае единствениот Рожер Федерер 🙂 🙂
- Што за тебе е остварување на сонот?
– Остварување на сонот ми е освојување на Вимблдон против мојата омилена тенисерка и секако Бр. 1 на ВТА