Македонското НЕ одекна во Брисел
Премиерот Заев со јасна порака до челниците на ЕУ
Премиерот Зоран Заев за време на вчерашната посета на Брисел отворено порача дека секој обид македонскиот идентитет да биде ставен на преговарачка маса ќе биде одбиен и дека за промена на идентитетот нема да се разговара и преговара.
– Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна – истакна Заев на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Според Заев, техничката влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекува и другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение.
Аналитичарите и дипломатите со кои се консултира нашиот весник сметаат дека она што премиерот треба да го пренесе во Брисел е да ги соопшти македонските црвени линии и да порача дека понижувањата треба да завршат.
– Премиерот треба да каже до каде Македонија може, а до каде не може да оди со попуштањата. Има граница на понижувањето. Не може бесконечно да се негираме самите себеси. Тоа е основна работа – смета Петар Гошев, политичар што своевремено беше вклучен во дел од преговорите при распадот на поранешна Југославија.
Според него, за да може Македонија цврсто да истапи пред Европа мора да има кредибилитет со кој ќе може да го направи тоа.
– За тоа треба политиките дома да се поуспешни. Треба да се потврдуваш како самоодржлив ентитет, субјект државен. Треба секојдневно да докажуваш дека си ти одржлив субјект, а за тоа треба дома јасни политики. Така и преговарачката моќ ни е поголема. Ако ти секој ден изјавуваш дека се распаѓаш внатре, ако немаш одржлив политички процес, ако немаш одржливи институции што секојдневно ќе им го испорачуваат она што треба на граѓаните, нормално е дека ќе нè демнат од страна и ќе го затегнуваат јажето што повеќе можат – истакнува Гошев.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека изјавите што ги даваат македонските политичари во Брисел не значат ништо.
– Очигледно таа мантра што ја повторува премиерот не е тоа што треба да се направи и да се каже во Брисел. И оваа флоскула во врска со идентитетот сама по себе ништо не значи. Кој преговара денеска за идентитет? Кој е овластен да менува нечиј идентитет? Самото тоа што постојано како папагали ќе повторуваме дека идентитетот не го даваме не е тоа вистинското. Треба да се направи нешто конкретно – вели Јањатов, притоа појаснувајќи дека и македонската и бугарската страна треба да седнат во Брисел и да разговараат за надминување на проблемот.
Според него, потребно е да се донесе документ во Собранието околу кој ќе се обединат сите во земјава и во кој јасно ќе бидат исцртани македонските црвени линии.
– Сега е погоден момент што треба да се искористи. Неколку водечки земји во Унијата застанаа на наша страна во врска со обидите за разделување со Албанија. Треба да се искористи тоа, треба да се направи една дипломатска офанзива. Потребно е итно Собранието да донесе некаков документ што ќе има сериозна тежина. Изјавите сами по себе ништо не решаваат, туку документите. Во Собранието треба концизен став да се заземе и тој став да се преточи во документ што јасно и гласно ќе биде соопштен и во Брисел. Вакви парцијални изјави не ја решаваат работата – категоричен е Јањатов.
Тој уште додава дека Собранието е местото во кое се потврдува што сакаме, а што не сакаме и тоа треба да му се каже на Брисел.