Колони возила на граничниот премин Евзони: Фрустрирани Македонци „заглавени“ во меѓуграничниот простор, a еве и зошто

Премиерот Зоран Заев во текот на вчерашниот ден објави дека денеска ќе се отвори граничниот премин Евзони за сите граѓани на Македонија.

Во прилог на тоа, граѓаните коишто од денеска ќе можат да влезат во Грција мора да имаат: негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, писмен доказ за примени две дози вакцини против Ковид-19 или пак позитивен резултат за антитела.

Граничниот премин меѓу Македонија и Грција утрово е отворен за сообраќај.

Очигледно дека информацијата дека по една година и пол Македонците ќе можат да влезат во соседна Грција, ги охрабри голем број од нашите граѓани да се упатат токму таму, но засега во Грција можат да влезат само патници со грчки пасош, пренесува српски „B92“.

Во образложението од грчката полиција се наведува дека тие сè уште не добиле официјално одобрување за влез на други патници.

Според репортер од српкиот портал, грчката полиција утрово не можела да даде одговор кога ќе пристигне таквото одобрување:

„Само оние кои имаат грчки пасош можат да го поминат преминот, повеќето возила во конвојот се од Македонија и Бугарија, ја прашавме полицијата на границата зошто не ги пуштаат другите? Тие одговорија дека сè уште немаат одобрение од Атина за тоа, штом ќе добијат ќе бидат пуштени и останатите“, изјавил репортерот. 

Од Грчката амбасада за Дојче веле велат дека чекаат официјално известување под кои услови и кога да се дозволи протокот на граѓани.

Од МВР пак велат: 

„Грчките служби што работат на граничниот премин, велат дека сè уште немаат добиено официјално извесување од грчките власти дека смеат да ги пропуштаат македонските граѓани. Тоа им го кажуваат и на нашите граѓани, а и нам ни дадоа такво образложение. Нашите гранични служби пак, со цел да не чекаат граѓаните, ги пропуштија во меѓузоната, но понатаму тие едноставнио не можат да влезат во Грција“.

Tocka.com.mk

Translate »