Зошто се чувствуваме толку добро кога пцуеме?

Ненадејната агонија кога ќе го удрите малиот прст може да ја натера и најпристојната личност да опцуе „сè по список“. Тоа е речиси како рефлекс, но зошто грдите зборови ни даваат толкаво олеснување? Во продолжение ви нудиме мало истражување во научната заднина на пцуењето.
Зошто се чувствуваме толку добро кога пцуеме?

Дали затоа што знаеме дека тогаш сме биле непослушни или навистина нешто се менува во нашиот мозок и тело кога користиме таков вокабулар?

Сите сме го направиле тоа: кога ќе си го удриме малиот прст од ногата или во текот на возењето автомобил, или кога ќе истуриме кафе – почнуваме да пцуеме.

Инстинктивно, посегнуваме по грдиот збор – обично задоволувачка низа експлозивни согласки – и, како да е некаква магија, стигнуваме до одредено ниво на моментално задоволство.

Да, некои од нас пцујат повеќе од другите, а понекогаш луѓето пцујат и кога се среќни. Но, мора да признаете дека пцуењето е присутно во сите култури и на секој јазик и можеби не е уникатно само за луѓето.
pcuenje
Фото: Freepik

Која е научната заднина на лошиот вокабулар?

– Пцуењето е тешко да се дефинира – вели д-р Ема Бирн, експерт на оваа тема и автор на книгата „Пцуењето е добро за вас“.

Таа вели дека тоа е еден вид јазик што го користиме кога сме во шок, зачуденост, возбуда, за да бидеме смешни или за да навредиме.

– Ние со консензус одлучуваме што е точно пцуењето. И голем дел од тој консензус има врска со она што е табу во дадена култура; на некои места се навредуваат делови од телото, некаде се даваат имиња од животни, некаде болести, некаде одредени телесни функции – објаснува д-р Бирн.

Но, постои еден клучен елемент во пцуењето.

– За да имате одреден емотивен ефект, треба да си играте со табуата во даденото општество – вели д-р Бирн.

Во стресна ситуација или кога ќе се случи нешто неочекувано, се чини дека нашата рефлексна реакција е да користиме пцости. И на некој начин се чувствуваме добро.

– Кога пцујам, тоа може да биде од радост, крајно изненадување или длабоко жалење, болка или лутина – вели Михаил.

– Мене ми доаѓа автоматски, без размислување и веднаш се чувствувам подобро – вели Ема.

– Не пцујам многу. Мислам дека ако користам често пцости, ќе ја изгубам силата. Ги чувам за пригоди кога е навистина корисно – вели Клара.

Се разбира, може да има луѓе кои апсолутно никогаш не пцујат, но многумина од нас ќе се идентификуваат со она за што зборуваат овие луѓе: тоа ненадејно чувство на олеснување кога користите грд вокабулар, чувството дека некои зборови се електрифицираат со дополнителен слој на енергија.

Д-р Бирн вели дека една од најинтересните работи на кои наишла за време на нејзиното истражување е фактот дека дури и луѓе што доживеале нешто што се нарекува хемисфероктомија (кога ќе ја отстраните едната страна од човечкиот мозок поради некоја непоправлива штета) може да ја изгубат способноста за говор, но не сосема.

– Кога ќе отстраните нечија лева хемисфера или таа е сериозно оштетена од мозочен удар, и лицето изгуби најголем дел од својата говорна способност, тоа лице сè уште е способно да пцуе – вели докторката.

– Изгледа дека градиме силни емоционални врски со одреден вид јазик и ги чуваме одделно од остатокот на нашиот вокабулар. Пцуењето е толку силно поврзано со емоциите, што мускулните движења се неопходни за да се изговорат пцости складирани на повеќе места – додава таа.
2
Фото: Freepik

Дали замената на зборовите може да ја заврши работата?

– Се прашував дали има смисла пцуењето кога нешто боли и дали тоа помага – вели д-р Ричард Стивенс, виш професор по психологија на Универзитетот во Кил и одговорно лице за нивната „лабораторија за пцуење“ во која тој спроведува експерименти.

Еден експеримент за да видиме дали пцуењето може да ни помогне да се справиме со болка или екстремни ситуации едноставно се состои во туркање на раката во кофа полна со мраз, за ​​да видиме колку може да издржиме.

Тој ѝ го направил тоа на една личност двапати: еднаш со помош на вистински пцости, а вториот пат со помош на пристојни замени.

Експертите откриле дека кога се користат грди зборови, луѓето издржуваат подобро и успеваат да ја држат својата рака под мразот подолго, но кога се користеле целосно произволни замени, тие не работеле затоа што немале емоционален ефект од вистинско пцуење.

Но, зошто е тоа така?

– Обично се јавува забрзано чукање на срцето за време на пцуењето, во споредба со неутралниот збор. Тоа укажува на еден вид емоционална реакција на пцуењето и знаеме дека пцуењето е еден вид емотивен јазик. Затоа нашата хипотеза е дека кога луѓето пцујат поради болка, тие практично го подигнуваат нивото на стрес и предизвикуваат феномен наречен аналгезија (кога сте нечувствителни кон болката), што е дел од пошироката реакција наречена бори се или бегај – вели д-р Стивенс.

Дали пцуењето звучи исто во секоја култура?

– Шпанскиот јазик е креативен кога станува збор за пцуењето затоа што кога ќе слушнете дека некој е крајно лут, добивате цели реченици – вели Клара.

– Рускиот јазик е најдобар јазик за пцуење. Има толку многу навредливи работи, буквално сè може да стане навредливо. Невозможно е да се замисли Русин што не пцуе – вели Михаил.

– Постојат неколку интересни пцости на мандарински јазик и тие зборуваат за тоа дека им правите нешто лошо на вашите предци 18 колена наназад – вели Жаклина.

Содржината на пцуењето може да биде различна низ целиот свет, но пцуењето се доживува како универзална одлика на целата човечка култура.

Што е со животните, дали и тие пцујат?

Не пцујат само луѓето.

Американските експерти за примати, Дебора и Роџер Футс, разговарале во присуство на шимпанза користејќи само знаковен јазик.

– Тие ги учеле шимпанзата на знаци за разни работи – вели д-р Бирн.

Во дивината, шимпанзата комуницирале фрлајќи го својот измет, но Футс тоа го претворил во строго табу.

– Штом научиле, шимпанзата почнале да користат знаци кои ги научиле за да опишат „празнење на дебелото црево“ или „нечистотија“ на ист начин како што говорниците на англиски јазик користат збор за сето она што е поврзано со празнењето на цревата – вели д-р Бирн.

– Шимпанзата ги користеле тие изрази за да покажат фрустрација, за да се спротивстават на нешто и го користеле знакот за да ги наречат другите мајмуни „валкани мајмуни“ што можеби била најлошата навреда што можела да им текне – вели докторката.

– За мене, ова беше еден од најинтересните делови од истражувањето: свеста дека имате табу и начин да го изразите се јавува феноменот како пцостите – заклучува д-р Бирн.

Извор: ВВС
Фото: Freepik

Translate »