Зошто селектирањето на отпадот е многу важно за процесот на рециклирање?
Еден возрасен човек создава околу 1-1,2 килограми амбалажен отпад дневно, што значи годишно околу 70 килограми. За истите да се произведат се користат големи количини на материјали и суровини, а при процесот на производство се троши многу енергија. Официјално во земјава се генерира околу 700.000 тони отпад, а од него 20-25% е амбалажен отпад. Ако оставиме отпадот да стане „ѓубре“ го прифаќаме ризикот тоа да стои неупотребливо по депониите, загадувајќи ја околината и создавајќи поголеми трошоци за производство на уште еден производ кој по крајот на употребата ќе заврши на истото место. Токму затоа треба да бидеме внимателни каде и како го одложуваме отпадот, особено кога постои логична алтернатива како рециклирање, која на отпадот му дава можност за нов живот.
Отпадот кој завршува на депонија најчесто останува таму додека целосно не се разложи во почвата или пак се закопува под површината за истиот тој процес да се забрза. Сепак, на едно пластично шише му се потребни повеќе од 400 години, а на стаклените шишиња и тегли дури и до 1.000 години за да се разложат. Ова сознание треба да е доволна причина за да направите промена во животот и да почнете да рециклирате. Бидејќи, како што често знаеме да кажеме: Вие сте најважната алка во процесот на рециклирање.
Зошто е важно селектирањето на отпадот?
Истражувањата велат дека околу 70% од отпадот создаден во домаќинството може да се рециклира, што значи дека голем дел од она што завршува во кантата за ѓубре може да биде „спасено“ и реупотребено. А материјалите кои можат да се рециклираат се хартијата и картонот, но и разните пластични и стаклени амбалажи, шишиња, чаши, па дури и батерии и електронски уреди. Секој од овие типови на отпад треба да биде посебно селектиран и одложен на вистинското место и на соодветен начин. Уште поважно е тоа дека отпадот кој се селектира и се одложува правилно завршува и на вистинското место – во рециклажните погони каде се преработува и од него се прави нов производ.
Како да го селектирате отпадот од вашиот дом?
Менаџирањето со отпадот најчесто е одговорност на локалните власти или како што е случајот во земјата, организација со посебни надлежности како Пакомак. Сортирањето на отпадот им помага на ваквите организации полесно да го собираат и да го спроведат отпадот на рециклирање. Вие можете да им го олесните процесот на собирање со тоа што ќе го поделите отпадот уште пред да излезе од вашиот дом. Трите главни групи на отпад се: хартија, пластика и стакло. Заедно со хартијата можете да ги сортирате весниците и картонот, но не и салфетките, кујнските брисачи и тоалетната хартија бидејќи тие не се рециклираат. Во истата група со отпадот од пластика спаѓаат и лименките, додека типовите на стакло кои се рециклираат се тегли, шишиња и чаши, но не и светилкитен и огледалата.
Каде да го одложите селектираниот отпад?
Откако ќе го сортирате отпадот според типот на материјал, следната задача е да го најдете соодветното место за одложување на истиот. За да ви го поедностави процесот на одложување, Пакомак постави контејнери за отпад во различни бои за полесно да се распознаваат. Игло-контејнерите во зелена боја се наменети за стаклен отпад и на горната страна имаат мал кружен отвор во кој треба да влезат теглите и шишињата кои се фрлаат во нив. Големите, жолти контејнери се за пластика и лименки и нивниот отвор е нешто поголем и се наоѓа странично, додека сините контејнери се нешто пониски и тие служат за одложување хартија во нив. Секој од овие контејнери го има знакот на Пакомак, така што лесно ќе ги препознаете на тротоарите и покрај улиците во урбаните подрачја.
Отпадот кој се создава секојдневно треба да заврши на вистинското место, со цел да ѝ дадеме шанса на нашата планета да биде здраво и чисто место за живеење. Селектирањето на отпадот е исклучително важен дел од процесот на рециклирање, бидејќи само на тој начин „ѓубрето“ станува рециклажен отпад кој може да отиде во погоните и да биде преработен со цел повторно да се употреби. Секој од нас има одговорност. И затоа Пакомак ви порачува: Селектирај иднина!