Храната најскапа во последните 30 години: Дали има потенцијално решение?
Светските цени на храната пораснаа најмногу од март 1990 година, кога Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (УНФАО) почна да објавува податоци.
Цените на храната достигнаа рекордни нивоа поттикнати од зголемените цени на житариците и растителните масла поради војната во Украина.
Индексот на потрошувачка кошничка на ФАО порасна за 12,6 отсто во март од просечните 159,3 поени во февруари, достигнувајќи ново највисоко ниво од 1990 година.
Споредено со ланскиот март е за 33,6 отсто повисок.
Најмногу поскапе растителното масло во март, 23,2 отсто во споредба со февруари, поттикнато од повисоките цени на сончогледовото масло поради намалениот извоз од Украина, најголемиот светски извозник.
Цените на житариците се зголемија за 17,1 отсто на месечно ниво, што е одраз на растот на пченицата за 19,7 отсто и на пченката за 19,1 отсто, пред се поради војната во Украина.
Русија и Украина учествуваа со околу 30 отсто, односно 20 отсто од светскиот извоз на овие житарки во последните три години.
-Дополнителна причина за поскапувањето на пченицата беше грижата за родот во Соединетите Американски Држави (САД), соопштија во ФАО.
Шеќерот значително поскапе и во март, за 6,7 отсто во однос на февруари, поради повисоките цени на суровата нафта и зајакнувањето на бразилскиот реал.
Значителните зголемувања на цените беа спречени од поволните изгледи за производство во Индија.
Индексот, кој го покажува движењето на цените на месото, во март порасна за 4,8 отсто, што е највисока вредност откако ФАО почна да објавува извештаи, поттикнати од растот на цената на свинското месо поради недоволниот број животни во Западна Европа.
Поскапува и живината поради епидемијата на птичји грип.
Најмногу пораснал индексот што го следи движењето на цените на млекото и млечните производи, 2,6 отсто во однос на февруари, што ФАО го објаснува со поскапувањето на путерот и млекото во прав.
Во однос на март лани, цените на таа категорија прехранбени производи се повисоки за 23,5 отсто.
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите за жито, ФАО ја намали прогнозата за овогодинешното производство на пченица на 784 милиони тони, што би значело 1,1 отсто повеќе од минатата година. Во февруари, ФАО го процени производството на 790 милиони тони оваа година.
Производството во Украина треба да падне под петгодишниот просек, врз основа на очекувањата дека најмалку 20 отсто од родот на зимската пченица можеби нема да се жнее во Украина поради уништување, ограничен пристап или недостаток на ресурси за берба.
„Поволните временски услови ја поддржуваат прогнозата за руското производство, кое треба да биде над петгодишниот просек, но е прелиминарна, поради можни проблеми со увозот на некои земјоделски суровини“, забележа ФАО.
Производството на пченица во Европската унија (ЕУ) треба да се намали на 134 милиони тони, поради врнежите во јужните земји-членки и евентуално помалата засеана површина.
Поради војната во Украина, ФАО ја намали прогнозата за светската трговија со жито во сезоната 2021/2022 година, за три отсто, на 469 милиони тони.
ЕУ и Индија треба да го зголемат извозот на пченица, а Аргентина, Индија и САД да го зголемат извозот на пченка, со што делумно ќе се компензира загубата на извозот од регионот на Црното Море.