Започна вториот тениски турнир во Скопје кој е во календарот на ИТФ

Почнувајќи од вчера на терените на тенискиот клуб „Југ“ се одржува интернационален M15 тениски турнир за мажи со награден фонд од 15.000 долари кој е од календарот на ITF World Tennis Tour. Ова е вториот тениски турнир кој во краток период се одржува во Скопје, по M25 турнирот кој се одржа од 6 до 12 јуни.

Квалификациите за турнирот започнаа на 12 јуни и во нив земаа учество 64 тенисери од различни земји. Во главниот турнир кој започнува утре (14.06), учествуваат 32 натпреварувачи.

На ITF М15 турнирот во Скопје ќе бидат натпреварувачи од Бразил, Тунис, Шведска, Романија, Грузија, САД и многу други земји од светот. Домашната гордост ќе ја бранат добро познати тениски имиња, Гораз Србљак, Калин Ивановски, Стефан Мицов, Обрад Марковски, Берк Бугариќ, Томислав Јотовски, Бесир Дургути.

Овој M15 турнир е вториот од трите турнири кои ќе го одбележат „Тениското лето“ во Скопје. И покрај тоа што минатата недела беше врнежлива, M25 турнирот помина одлично, предизвика голем интерес и понуди многу квалитетни натпревари. Претставниците на ТФСМ најавија дека очекуваат ист интерес и за M15 турнирот.

За месец јули е закажан и женскиот турнир „Billie Jean King Cup“ за регион Европа и Африка, Група 3. На него ќе учествува и најдобрата македонска тенисерка на сите времиња, Лина Ѓорческа, која најави дека е оптимист пред почетокот на турнирот.

Од 22-25 Јуни 2022 нашата најдобра машка репрезентација ќе настапи на Дејвис Купот од 3та Европска група кое ќе се одржи во Улцињ, Црна Гора.

Translate »