Елитен женски тенис во Скопје: Започнува „Били Џин Кинг Куп“, ќе настапи и Лина Ѓорческа
По двата турнири во машка конкуренција, тениското лето во Скопје ќе се заокружи со одржување на „Били Џин Кинг Куп“ во женска конкуренција. Купот започнува на петти јули, а ќе биде одржан на терените на тенискиот клуб Југ во Градскиот парк.
Поранешниот Фед Куп во групата 3 од Евроафриканската зона ќе започне на 5 јули и ќе трае до 9 јули. Земјата победник на овој куп ќе добие шанса да биде промовирана во група 2 од Евроафриканската зона.
На Купот ќе настапи нашата најдобра тенисерка на сите времиња, Лина Ѓорческа, како и Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ива Данева и Катарина Маринковиќ. Покрај нашите тенисерки, на Купот ќе земат учество и повеќе тенисерки од различни земји во светот, како Португалија, Албанија, Ирска, Конго, Јужна Африка и други.
Овој Куп има богата историја во женскиот тенис и важи за елитен турнир во женска конкуренција. Тој е именуван по познатата тенисерка Били Џин Кинг, поранешна број еден на светската ВТА листа. Купот Били Џин Кинг е најголемото сезонско женско меѓународно екипно спортско натпреварување според бројот на нации што се натпреваруваат.
Со одржувањето на „Били Џин Кинг Купот“ се затвора летната мини-сезона на тениски турнири во Скопје. Во текот на месец јуни, исто така на терените на тенискиот клуб Југ беа одржани и машките турнири M25 и M15, каде што повторно имаше повеќе домашни претставници.