Битиќи: ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која е потребна и нема потреба да купува струја

Во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со претставниците на бизнис секторот, во Владата на Република Северна Македонија се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со која ко-претседаваше заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а присуствуваа и вицепремиерот Маричиќ, министерот за финансии, Бесими, министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, директорката на УЈП, Лукаревска, директорката на Царинската управа, Кутиров како и претседателите на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог Трајан Ангелоски (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на Северозападна Македонија), Анета Антова Пешева (МАСИТ) и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Вицепремиерот Битиќи на почетокот ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ.

„Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25% во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција, и поради тоа ги уверувам граѓаните дека граѓаните не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима”, изјави Битиќи.

Дополнително, вицепремиерот Битиќи се осврна и на новиот правилник за поставување на соларни панели, со олеснета процедура и зголемен опсег на производство од 4 на 6 киловати за приватни произведувачи или од 40 на 60 киловати за индустриските објекти.

Битиќи кажа дека само во 2022 година кон стопанството како државна помош се обезбедени повеќе од 70 милиони евра директна финансиска поддршка, средства кои и во криза пораснаа од претходната година а и не беа скратени со ребалансот на буџетот.

„Ова се средства кои помагаат во ликвидноста на компаниите и кои не смеат да бидат заборавени денеска кога зборуваме за партнерскиот однос и подадената рака во време на криза”, кажа вицепремиерот Битиќи.

Министерот за финансии се осврна на ликвидноста на буџетот, за кој потврди дека е во добра кондиција. Дополнително, Министерот зборуваше и за предлогот за даночна реформа кој се разговара во широка консултација вклучително со коморите и бизнис секторот и истата ќе продолжи се додека не се усогласат сите страни.

Вицепремиерот како и министерот потсетија на повикот и препораките за штедење како и одговорно однесување од сите страни со цел полесно справување со кризата и спречување на непотребно трошење на електрична енергија.

Translate »