Јовановиќ за „Фокус“: Никој не знае колку страшна зима не очекува, зависиме од гасот
Никој не знае колку страшна зима не очекува. Ќе зависи од повеќе фактори, помеѓу останатото и од времето. Главниот ризик е дека Европа нема да има доволно гас за индустријата, и дека поради тоа ќе треба привремено да затворат одредени фабрики, вели за „Фокус“ професорот од Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ.
-Тоа несомнено би се одразило и на Македонија, зашто многу од македонските фирми се поврзани со европските, па ако затворат европските, ќе мораат и македонските. Очигледно е дека многу од работите се надвор од наша контрола, но она што можеме да направиме ние како држава е да се спремиме за тоа сценарио, односно Владата да спреми мерки со кои ќе им помогне на фирмите кои би биле погодени од ова, слично како на почетокот на пандемијата, за да нема отпуштања на работници, појаснува тој.
Покрај тоа Јовановиќ посочува дека апсолутно е потребно замрзнување или ограничување на цените, и на горивата, и на храната. Без тоа, инфлацијата само ќе расте.
-Хрватска пред некој ден го направи тоа, Србија веќе цела година ги држи замрзнати цените на основните прехранбени производи, Албанија слично, веќе пола година ги контролира цените на храната. Австрија сега реши да ги ограничи цената на гасот и струјата (бидејќи тука тоа е многу поголем проблем од храната), Шпанија и Португалија го направија тоа пред два месеца, Франција уште поодамна. Дури и ниво на цела ЕУ сега се разговара за ограничување на цената на гасот и струјата, додава тој.
Засега е активна мерката за ограничена маржа на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо која трае до 30 септември, а се однесува за бел леб, шеќер и сончогледово масло и 5 отсто во трговијата на големо и на мало. Додека пак за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко маржата е 10 отсто.
Исто така има ограничување на извозот на одделни стоки извоз на семе од сончоглед има за цел да се избегне зголемување на цената на сончогледовото масло за јадење,
Јавните претпријатија, основните и средните училишта и разни други компании не склучиле договор навреме за снабдување со електрична енергија, па поради тоа сега струјата ја плаќаат за 50% повеќе токму затоа министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека со цел ублажување на кризата, маржата за трговија со струја е ограничена на 10%.
Согласно владината одлука, новата маржа треба да почне да се применува пред почетокот на грејната сезона и да важи до 15 април 2023 година. Истовремено, Регулаторната комисија за енергетика го измени Правилникот за снабдување со електрична енергија, намалувајќи ја маржата што ја пресметува крајниот снабдувач како што е ЕВН од 50% до 20%.
Бектеши рече дека ќе бидат објавени имињата на сите јавни институции кои не ги запазиле препораките за штедење на струја, а за тоа одговорност ќе се бара од раководителот на таа институција.