СЗО: најчеста причина за смртност во Северна Македонија

Нездравиот начин на живот е двигател на смртност, а високиот процент на пушачи, лица со висок шеќер во крвта и зголемената потрошувачка на шеќер, сол и масти се проценува дека сочинуваат речиси три четвртини од смртните случаи до 2019 година, се наведува во новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за Северна Македонија.

Овој извештај е еден од 14-те национални извештаи за земјите членки во Европскиот регион на СЗО што не се членки на Европската Унија.

Во делот „Подобрување на здравјето на населението“ се посочува дека очекуваниот животен век во Северна Македонија се зголемува, но останува под просек од Европскиот регион на СЗО.

– Најновите податоци за смртност пријавени од Северна Македонија до СЗО се однесуваат на 2013. Според овие податоци, просечниот животен век изнесувал 75,5 години. Иако ова беше под просеците за Југоисточна Европа и Европскиот регион на СЗО, беше повисок од повеќе ажурирани бројки за очекуваниот животен век за некои членки на ЕУ, се вели во извештајот.

Кардиоваскуларните и цереброваскуларните заболувања и карциноми се водечки причини за смртност кај возрасните. Во периодот од 2000 до 2017 година забележано е и зголемување на смртноста поради дијабетес, специфични видови на рак, особено на белите дробови, колоректален карцином, панкреас и рак на простатата како и Алцхајмерова болест.

Во извештајот се наведува дека државата е рангирана меѓу земјите со највисока преваленција на пушење тутун во светот и највисок просечен број на испушени цигари кај возрасните и младите луѓе. Но, како што пишува, се забележува намалување на стапката на пушење цигари. Причината за тоа, велат дека е Законот за забрана на пушење цигари на јавни места воведен во 2010 година.

На позитивна нота, како што велат од СЗО, потрошувачката на алкохолот кај возрасните по глава на жител (3,8 литри) е под просекот на европскиот регион на СЗО.

Забележано е зголемување на стапката на прекумерна тежина и дебелина меѓу возрасните. Речиси две третини или 64,9 проценти од мажите и повеќе од половина жени, односно 51,2 отсто биле со прекумерна тежина во 2016 година. Загрижува и фактот што половина од возрасната популација не е физички активна и само 8,3 проценти од возрасните практикуваат околу 150 минути умерена физичка активност неделно, што е под просекот на Европската Унија.

Прекумерната тежина се забележува и меѓу седумгодишните деца, каде што во период од 2010 и 2019 година е зголемена особено кај девојчињата, од 30,9 проценти на 30,8 отсто, покажуваат податоците од извештајот.

Translate »