Пакомак и Општина Кавадарци го презентираа проектот за селекција на отпадна пластика и метал
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, денеска заедно со Пакомак го претстави на јавноста проектот за селекција на отпадна пластика и отпаден метал. Целта на проектот е отпадната пластика и лименките во целост да се селектираат и собирааат во Повратните вендинг Машини кои ги постави Пакомак.
Проектот беше презентиран најпрво пред повеќе локални компании и невладини организации, со цел тие да се запознаат со плановите и целите на овој проект.
„Денес градоначалникот д-р Митко Јанчев заедно со Друштво за управување со пакување и отпад од пакување ПАКОМАК ДОО, пред локалните компании Кожувчанка ДОО, ТД-ТД ДООЕЛ, Минекс ДОО, Маркет Дијана ДД, ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ, КАМ ДОО, Стокомак ДОО, ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ, Винарска визба Тиквеш и невладините Еко Живот Кавадарци, Еко Индикатор Кавадарци го презентираше новиот еколошки проект за селекција на отпадна пластика и отпаден метал (отпадни лименки) односно поставување на Вендинг машини на територијата на Општина Кавадарци.
Презентирањето на проектот пред горенаведените компании кои пуштаат во промет и тргуваат со амбалажа од отпадна пластика и отпаден метал (отпадни лименки) е со цел да истите земат учество во истиот како општествено одговорни компании“, стои во Фејсбук објавата на профилот на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
На оваа средба ќе претстои уште еден состанок на кој ќе биде дефиниран бројот на повратни вендинг машините кои ќе се постават на територијата на Општина Кавадарци, како и имињата на компаниите кои ќе земат учество во овој современ еколошки проект.
Целта на оваа иницијатива е да ја подигне свеста за важноста на селектирањето на отпадот, а истовремено да им овозможи на жителите на Општината лични придобивки за нивната ангажираност.
Повратните вендинг машини претставуваат технологија која овозможува софистициран начин на собирање на отпадот. Тие истовремено служат како стимулација за населението да ги селектира пластичните шишиња и лименките, благодарение на нивниот систем за наградување на собирачот. Овие машини се синхронизирани со мобилната апликација Екомак, преку која се собираат наградните „зелени поени“, кои потоа можат да се искористат за купување ваучери и производи.