Влатко Сулев: Tуризмот може да е двигател на идниот раст на македонската економија!

Tуризмот може да стане еден од двигателите на идниот раст на македонската економија! Имаме многу интересни туристички места, потенцијал за диверзификувана туристичка понуда, долга традиција, историја, а како дестинација сме и ценовно прифатливи. И ова не е нешто ново, што досега не е кажано, но сакам само да дадам еден друг агол или концепт за развој на туризмот.

Факт е дека туристичката инфраструктура не е доволно развиена, и дека треба во континуитет да се подобрува. Хигиената исто така не е на задоволително ниво. Амбалажен отпад по нашите патишта се секојдневна слика. Ѓубрето ги обложува рабовите на патиштата, се крие меѓу грмушките, па дури и го наоѓа својот пат во нашите живописни водни пејзажи. Потребно е секој индивидуално да си ја сработи својата домашна задача, бидејќи општата слика за државата влијае и на туризмот.

Како да поттикнеме брз туристички подем?

Во линија на идејата “делувај локално но размислувај глобално” сметам дека нашиот интерес е во регионално групирање, во креирање балкански туристички понуди, и на тој начин привлекување туристи од целиот свет.

На пример, на една група туристи од далечната Јапонија, би им овозможиле во текот на една недела да го посетат Охрид, да доживеат автентично гастрономско искуство во македонска домашна винарија, да ги посетат Цетиње и Св. Стефан во Црна Гора, и на крај да завршат во Дубровник.  Да слетаат на аеродромот во Охрид, со организиран автобуски превоз да патуваат до следна дестинација, цело време придружени од обучени туристички водичи, да ги слушнат локалните балкански приказни, да создадат незаборавни моменти и секавања, и среќни и задоволни преку аеродромот во Дубровник да се вратат дома во Јапонија. Балканот изобилува со историја и култура, од антиката до денес. Од тука потекнува најубавата изворна музика, богата и традиционална кујна, археолошки локалитети, автентичност и оригиналност.

За странските туристи Македонија и Балканот не се само нова дестинација, туку и нов начин на гледање на работите, нова животна филозофија која ги буди сите сетила, и создава спомени вредни за споделување. Самото име Македонија е толку силен бренд кој ние не знаеме да го искористиме доволно.

Неодамна се вратив од Кина и слободно можам да кажам дека Македонија и Балканот се интересни за туристи од Азија. За нив Македонија како дел од поранешна Југославија е нешто многу интересно, и наша задача е да го искористиме тој момент. Би сакал да споделам дека нашата компанија отвори официјално претставништво во Нингбо, Кина и веќе ги подготвуваме понудите за дестинации низ Балканот, во кои посакувам Македонија да има значајно место.

Странските туристи сакаат автентични доживувања, искреност и оригиналност. Сакаат обични работи, лични доживувања и тоа знаат да го ценат. Сакаатсвежа, убава и оригинална храна приготвена на традиционален начин, сакаат да ги посетат домашните винарии, да видат изворно како се произведува вино, како се произведува сирење, да ги посетат црквите, историските објекти, археолошки локалитети, средновековните тврдини, сакаат приказни и уникатно туристичко искуство. Преферираат вински туризам, адреналински туризам, верски туризам, културен туризам, сакаат автентични гастрономски доживувања. Сакаат нешто што го немаат во нивните матични земји. Тие не преферираат луксузни хотели и ресторани, туку автентично доживување.

Македонија е стратешки поставена во срцето на Балканот,и е одлична за менаџирање на неколку дестинации како Србија, Бугарија, Северна Грција, Албанија, Косово. Од сите сме оддалечени од 200 до 250 километри, за максимум од 2,5 до 3 часа сме до сите дестинации.

Изминативе 10тина дена со дел од мојот тим од Балкан Прајм Турс буквално секој ден поминуваме по 400-500 км, ги посетуваме сите значајни туристички места на Балканот, имавме средби со туристички работници од регионов, со хотелиери, сопственици на ресторани, винарии, стари занаетчиски работилници со цел да откриеме сѐ што е уникатно, автентично и интересно. За да креираме уникатни туристички понуди пред сѐ наменети за туристите од Азија. Луѓето од нашиот тим се постојано на терен. Ние не нудиме дестинација или објект ако не сме го посетиле, и ако самите не веруваме дека е правилниот избор. Професионализмот и посветеноста се клучни за успех во овој сегмент. И затоа на секое патување откриваме нови работи. На пример ретко кој знае дека еден од највпечатливите ресторани во срцето на стариот град во Дубровник (моментално можеби најпопуларната светска туристичка дестинација) го држи радовишанец, наш човек. Иако отидовме и до Словенија и Хрватска можам слободно да потврдам дека долгогодишното присуство на туризмот во овие земји има и добри и лоши страни. Искомерциајлизираните и популарни места на еден начин го убиваат духот на гостопримството и поради тоа сум уште поубеден во она што ние како Македонија можеме да го понудиме како вистинско доживување со сите сетила. Од друга страна пак, долгогодишното присуство нуди и навистина повисок професионализам и развиени туристички капацитети и продукти кои ние како тур оператор ги имаме на дланка и ги комбинираме за да добиеме уникатен туристички мозаик.

Туризмот како сектор има голем потенцијал, има ефекти директно или индиректно на 15 други сектори и може многу повеќе да учествува во создавањето на Бруто домашниот производ. Истовремено, сектор во кој многу млади луѓе може да се вклучат и да креираат интересни содржини кои ќе привлекуваат туристи, посебно странски.

Шанси се отвораат, до нас е дали ќе ги искористиме!

Светот е полн со убавини и авантури, по кои треба да се трага со широко отворени очи. И само доколку патуваме тие дестинации можеме да ги откриеме, и духовно да се збогатиме.

Translate »