Осигурителните компании обезбедуваат економска стабилност и сигурност во земјава
Кога се спомнува осигурување, најчесто се помислува на осигурување на домот, возилото или одредени предмети кои можат да се оштетат. Но, малкумина го земаат предвид осигурувањето како начин да се заштити сето она што вреди и ефектот кој овој механизам може да го има на стабилноста на индивидуалните финансии, компаниите и нивните индустрии, па дури и целата државна економија.
Главната причина за постоењето на осигурителните компании е да обезбедат заштита за нивните клиенти. Без разлика дали се работи за физички или правни лица, сите од нас имаат потреба да го заштитат она што го имаат.
Каква е всушност улогата на осигурителните компании во економскиот развој? Полисите за осигурување имаат неколку важни функции во економијата не само поради тоа што обезбедуваат заштита против финансиски загуби, туку и го прават инвестирањето побезбедно, го поттикнуваат растот на економијата, преку осигурување на извозот го поттикнуваат развојот на македонсите компании, помагаат за стабилност и поголема сигурност во економијата, посебно во време на криза.
„Осигурувањето е актуелна и сè поважна тема, особено во време на економска криза. Во вакви периоди, компаниите се соочуваат со дополнителни предизвици кои можат да влијаат на нивната ликвидност, капацитет за инвестирање и вкупната стабилност. Економската неизвесност ја зголемува ранливоста на бизнисите, правејќи ги уште поподложни на ризици кои, доколку се остварат, можат да предизвикаат значителни финансиски загуби. Токму затоа, осигурувањето игра клучна улога во обезбедувањето стабилност, бидејќи делува како заштитен механизам од неочекувани настани што дополнително би го нарушиле работењето.
Конкретно, осигурувањето на имотот е од клучна важност за секој бизнис. Ова осигурување обезбедува заштита од непредвидени настани, како на пример пожар, загуба на залихи, поплава, расипување на машини или кражба, што можат не само да го нарушат, туку и целосно да го прекинат работењето на компанијата.
Затоа, секој бизнис, без оглед на големината, мора да обезбеди континуитет во работењето преку склучување на сеопфатен договор за осигурување кој ќе ги ублажи сите можни ризици. Само на овој начин, бизнисите ќе можат да се фокусираат на суштината на своето работење и на подобрувањето на резултатите“ посочува Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
“Осигурителните компании помагаат во управувањето со ризикот на поединци и бизниси. Со пренесување на ризикот на осигурителни компании, бизнисите и поединците можат да се фокусираат на своите основни активности без да се грижат за непредвидени настани како што се пожари, кражби, несреќи и природни катастрофи. Преку осигурувањето, поединците и бизнисите имаат зголемена доверба и сигурност дека можат да се справат со потенцијални загуби. Ова ја подобрува економската стабилност и ја стимулира потрошувачката и инвестициите” смета Александар Манев Генерален Директор на Кроација Осигурување, Друштво за неживотно осигурување.
“Претприемачите го осигуруваат бизнисот за финансиски да се заштитат во ризични времиња, но и за да бидат сигурни партнерите, соработниците, вработените и нивните семејства да не претрпат големи загуби во случај нешто да ѝ се случи на компанијата. Осигурувањето во бизнис секторот во случаи на непогода делува како подадена рака кое може да ја одржи компанијата или индивидуалецот во финансиски баланс, а во нормални услови им ја дава можноста на претприемачите да бидат храбри и иновативни, знаејќи дека се заштитени со полиса која им го овозможува тоа.”, истакнува Ѓорѓе Војновиќ Главен извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје
Осигурителните компании се важен елемент во склоп на домашната економија, кој ѝ овозможува на истата да расте и да се развива како што се развиваат можностите и барањата на „играчите“ на пазарот.
Осигурувањето ја прави нашата економија возможна, ја придвижува и го овозможува нејзиниот раст, истовремено давајќи им механизми за заштита на оние кои учествуваат во неа. Како сериозен фактор, осигурителната индустрија е клучна алка во структурата на домашната економија и без неа не може да се замисли прогресот на ниту едно развиено општество. Затоа, бидете одговорни за она што ви е важно и направете се’ што е во ваша моќ да го заштитите со полиса за осигурување според вашите потреби и можности.