Навремена информација за младите – клуч за превенција на адолесцентна бременост
Околу два и пол милиони жени во светот на годишно ниво раѓаат помлади од 16 години, 16 милиони раѓаат меѓу 15-тата и 19-тата година, 3,9 милиони вршат прекин на бременоста. Во светски рамки најчеста причина за смртта на девојките меѓу 15 и 19 години се компликациите поврзани со бременоста, покажуваат најновите светски медицински истражувања правени во насока на здравјето кај адолесцентите со акцент на репродуктивното здравје.Бременоста во адолесценција е појава која е предизвикана од галопирачкото спуштање на границата кај младите при влегување во сексуални односи иако не секој однос резултира и со забременување. Сепак светските истражувања покажуваат дека во 70 отсто од случаите се зачнува при првиот сексуален контакт и оттаму тинејџерската бременост се поврзува со голем број здравствени и социјални состојби меѓу кои и со ниското ниво на образование и сиромаштија и недоволната едуцираност и информираност на младите за ризиците од прераното влегување во сексуални односи.
Што се однесува до Република Северна Македонија бројот на адолесцентни породувања споредбено со Европската унија е речиси три пати поголем.Стапката на просечно стапување во прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојките.Ако ја споредиме и оваа бројка со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, ќе се увиди дека младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос некаде дури и до 19 годишна возраст.
Во Публикацијата „Здравјето на мајките и децата во РСМ во 2023 година “од Самир Исени, стои дека во текот на 2023 регистрирани биле вкупно 14 живородени деца од мајки под 15 годишна возраст, 584 живородени од мајки на возраст меѓу 15 и 19 години и 7 мртвородени од мајки на возраст од 15-19 години. Иако стапката на адолесцентна бременост во оваа година забележала тенденција на опаѓање и изнесувала 13,4 на 1000 девојки на истата возраст, сепак и натаму е висока ако се земат предвид трендовите во поразвиените земји од нас.

Од аспект на тоа дека се влегува прерано во сексуален однос без претходно да се посети гинеколог или да се користат контрацептивни средства но и заштита од сексуално преносливи инфекции, говорат и бројките на извршени абортуси кои ги побаравме од Гинеколошката Болница –Чаир и од универзитетската Гинеколошко-акушерска Клиника во Комплексот „Мајка Тереза“.
Според податоците кои ги добивме од УГАК за „Радар“, најраниот абортус бил направен кај 14 годишна девојка а во периодот од 2022 до 2024 година, вкупно биле изведени 31 киретажа кај адолесцентни пациентки.
„Во период од 2022 до 2024 година имаме направено вкупно абортуси кај 31 девојка, односно во 2022 година на УГАК-Скопје абортус кај девојки помали од 18 години бил направен кај 9 пациентки, во 2023 година бил направен кај 13 пациентки и во 2024 година бил направен кај 9 пациентки.“
Што вели оваа статистика од Гинеколошката болница Чаир?
„Во гинекологија Чаир вкупно малолетни бремени девојки од 2022 до 2024 година имало седум, односно три во 2022 година, три во 2023 година и едно во 2024 година. Најраната бременост е во 2022 година кај девојка на возраст од 14 години. Во последните три години направени се седум абортуси. “

Ова се евидентираните податоци, но што станува со адолесцентките кои од страв, стигма од средината, срам, не се одлучуваат да ја пријават бременоста, па користат нелегални патишта за прекин на бременоста од кои некои обиди за жал завршуваат фатално или со трајни компликации и последици.
Како да се застане на патот на оваа темна статистика ?
Стручните лица и наставници што работат со младите од адолесцентната возраст односно од крајните години на основното образование и почетните од средното, велат потреба од сеопфатно сексуално образование има, независно што денеска на интернет е достапно се. Друго е кога информациите за ова би се добиле на системски начин низ образованието.За оваа анализа на „Радар“ контактиравме едно стручно лице-психолог и една наставничка од кои само првата работела на пилот проектот за сеопфатно сексуално образование.
Прво го споделуваме нејзиното искуство, на Елизабета Ивановиќ, стручен соработник психолог во ОУ„Јан Амос Коменски“ од Скопје.
„ Пилот програмата за ССО е изработена според највисоките стандарди на УНЕСКО. Оваа програма е соодветна за ученици на возраст од 13-15 години. Целта на оваа превентивна програма е на учениците да им се овозможат релевантни информации, знаења, вештини и насоки како да го сочуваат и унапредат своето целокупно здравје, со акцент на сексуалното и реподуктивното здравје, да ги почитуваат различностите, да ги препознаваат стереотипите, да бидат подготвени за здрави емотивни врски и релации, без насилство и злоупотреба, да се залагаат за родова еднаквост. Овие информации се однесуваат пред се во насока на превенција на несакани последици врз нивното физичко и психо-емоционално здравје, како и во однос на социјализацијата – односно правилна соврсничка комуникација, ненасилно однесување во врска, почитување на различностите, доверба, градење личности со интегритет. Програма треба да биде достапна до секој млад човек без оглед на неговиот социјален статус, етничка припадност, род, со цел да се обезбеди еднаква можност за едукација.
И за крај јас сметам дека навистина ни се потребни вакви сеопфатни превентивни прогами за да ги спречиме несаканите последици по целокупниот психофизички развој на нашите млади, со особен акцент на сексуалното и реподуктивното здравје. Мојата порака од оваа пилот програма е да крерираме и реализираме нови идни преветивни прогами – а да не лечиме последици,“ изјави Ивановиќ за „Радар“.

Директорката Рената Бојаровска, од основното училиште „Гоце Делчев“-Тетово, вели дека иако досега немале ниту еден случај на прерана бременост, смета дека едукацијата во однос на прераното стапување во сексуални односи што некаде резултира со адолесцентна бременост и тоа како треба да се интензивира.
„Може да се каже дека во досегашната пракса, пред се како случај сме немале појава на прерана бременост. Но сепак од аспект на превенција и рана едукација се дискутираат и разработуваат теми во рамките на програмата за образование за животни вештини на одделенски час, опфаќајќи ги содржините од тамата „Јас- личен развој“.Покрај едукацијата за менструално здравје се разработува и проблематика во врска со репродуктивното здравје како и ризикот од стапување во сексуални односи во раниот пубертет. Сметам дека треба да се промени едукацијата во однос на прераната бременост и е пожелно да се промовира и спроведува на сите нивоа и низ сите релавантни содржини со назнака дека истата треба да се интензивира особено во периодот од завршување на основното образование како популацијата на малолетнички од 8-9 одделение и раната средношколска возраст“, вели Рената Бојаровска за „Радар“.

Како и да е сепак сите се единствени во ставот дека адолесцентната бременост кај девојките, како плод на прерано почнување со сексуални односи е сложен проблем што остава длабоки последици врз физичкиот, психолошкиот и социјалниот развој на младите. Освен што го прекинува детството, таа носи и сериозни предизвици со кои младите често не се подготвени да се справат. За да се намали појавата на вакви случаи, од клучно значење е зголемувањето на свеста, отворената комуникација и навременото информирање. Нашата држава е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција. Само 14% од младите од 20 до 24 години ја користат. 36% пак го прекинуваат сексуалниот однос како метод за заштита од непланирана бременост, што е исто така погрешно. 52% од девојките на 15 годишна возраст и 29% од момчињата на иста возраст,страдаат од повеќе психосоматски симптоми истовремено, повеќе пати неделно, па оттаму сосема се во право што многу меѓународни конвенции за човекови права препорачуваат во земја со ваква статистика на овој план, да воведат сексуално образование во основно и средно за да ги гарантират индивидуалните фундаментални права на живот,здравје,недискриминација,образование и информации.
И, меѓународните тела како Комитетот за економски , социјални и културни права уште во 2016 година, CEDAW во 2018 и УНЕСКО во 2018 препорачуваат државите како нашата, да обезбедат задолжително , научно засновано, инклузивно и родово сензитивно сексуално образование преку образовниот систем со цел младите да стекнат точни информации да ги разберат и да ги заштитат своите права и да развијат здрави и одговорни односи ослободени од стереотипи, насилство и притисоци.
Ангел Димовски

