Македонецот Игор Томески доби Нобелова награда за млади

Дали сте знаеле дека Македонија може да се пофали со добитник на Нобелова награда за млади? Станува збор за талентираниот Игор Томески, кој иако има само 21 година, веќе има остварено голем број успешни проекти. Кога ќе прочитате за сите негови активности, ќе се зачудите како е можно да не сте му го чуле името никогаш досега.

Додека главните преокупации на останатите 12-годишници биле редењето 5-ки на училиште и дружењето со другарчињата, Игор го снимал неговиот прв домашен филм од 40 минути, по негов текст и режија. Кога наполнил 13 години, почнал да работи во локалната телевизија и го снимил неговиот втор долгометражен филм од 70 минути, исто така по негово сценарио, режија, организација и глума. Амбициозниот Игор бил навистина неуморен и веќе на 14 и 15 години почнал да го подготвува неговиот 3-часовен игран филм за чии потреби организирал повеќе од 100 млади актери.

Навистина импресивна биографија за толку млад човек, се согласувате? Па, така се наметнува прашањето како е можно тоа што македонската јавност никогаш не чула за Игор Томески, ниту пак погледнала некој од неговите филмови? Како Нобеловото здружение дознало за неговите активности кога ни Македонија немала поим за нив? Игор учел во американско средно училиште во Тетово. Таму го заскокоткал интересот на американските директори и подготвил 3-часовна театарска претстава од жанрот театар на апсурд со 40 актери. Неговите многубројни храбри потези биле пресудни за да го поканат и наградат во „Нобеловото здружение за млади светски лидери“, основано од страна на Нобеловото семејство кое наградува талентирани млади личности од целиот свет за нивните вонсериски достигнувања во одредени области за време на детството и младоста. Иако човекот којшто го номинирал во здружението морал да остане анонимен, Игор претпоставува дека станува збор за некој од директорите на американското училиште.

„Додека мнозинството од тетовските артисти се обидуваа да го заобиколат Игор Томески, а остатокот од македонската публика немаше како да дознае за неговите достигнувања, истражувачкиот дух и инклузивната политика на Американците си го направија своето“, изјави Игор.

Дури по добивањето на Нобеловата награда за млади, медиумите почнаа да се интересираат за Игор и иако повеќето од нив ја споделија веста за неговиот огромен успех, многу луѓе од театарскиот и филмскиот свет во Македонија сѐ уште не се запознаени со него. Па, каде лежи проблемот? Зошто Македонија секогаш последна дознава за своите таленти? Игор Томески ни ги одговори најважните прашања што ја засегаат македонската културна и уметничка сцена…

Зошто Македонија не дознава за достигнувањата на своите таленти пред тие да достигнат светски успех?

Игор размислувал на оваа тема уште кога имал 17 години, а за тоа сведочи една реплика од неговата драма „Театарски џумбус“ која гласи „Овде комшике, лошите вести се итни, а добрите можат и да почекаат“. Уште колку други случаи коишто ја немале среќата да бидат забележани постојат во Македонија? Според Игор, ова е многу важно прашање со коешто сите треба да се позанимаваме ако сакаме да напредуваме како земја во која младите имаат што да понудат.

„Мислам дека домашната публика е желна за убави вести и успеси, само што е преоптоварена со некои други работи. Верувам дека на Македонија ѝ треба простор и платформа каде што млади таленти со извонредни достигнувања би можеле да бидат забележани, поврзувани, наградувани и поттикнувани. Што се однесува до тоа зошто не се знае многу за наградата, таа беше доделена за време на избори во Македонија, па мислам дека медиумите па и народот размислуваа во друга насока. Но, сѐ уште не е доцна луѓето да дознаат, зар не?“, открива Игор.

Вистина е дека сите ние сме преокупирани со разни проблеми, од кои политиката е секогаш на прво место, па малку ги забораваме уметноста и културата. Многу од денешните деца ги знаат имињата на политичарите, но дали ги знаат и нашите уметници? Тажно е тоа што медиумите се полни со политика и лоши вести, а сиромашни со уметнички достигнувања и убави работи.

Разговор со нобеловецот Игор Томески: Зошто Македонија последна дознава за своите таленти?

Дали амбициозната младина добива доволно поддршка од страна на државата?

Игор Томески уште на многу рана возраст почнал да се нафаќа за сериозни и големи проекти. Многу од нашите познати режисери и уметници веројатно и ден денес, по години искуство, не би се осмелиле на такви потфати. Несомнено е дека треба да се има голема храброст за такво нешто, но освен тоа добро е да се има и некаква поддршка. Дали Игор ја добивал потребната поддршка за да ги реализира неговите проекти?

„Сите овие десетина години работев од чист ентузијазам и желба. Поддршката се сведуваше на моите родители, моите блиски пријатели и на еден регионален медиум“, ни одговори Игор.

Веројатно многумина би се откажале по првите пречки на патот до успехот, но не и Игор.

„Ако правите нешто големо и вонсериско, сигурно ќе се соочите со големи пречки, пред сѐ, ако немате финансии. Во повеќето мои големи проекти не сум можел да ја остварам замислата до крај или на време. Меѓутоа, пречките се она што го челичи и калеми уметникот. Понекогаш потребно е да се соочите со невнимание, тешки услови, па дури и саботажи за да го извадите најдоброто од себе. Но на крај, после сето тоа, би требало и да наидете на поддршка, отворени врати и подадена рака. Во оваа работа, треба да се разграничи помеѓу надворешните пречки за создавање уметност и внатрешната љубов кон уметноста и да се најде некаков компромис. Мислам дека тоа успешно го правев и не дозволив надворешноста да ја избледи мојата сопствена жар кон креирањето“, ни објасни Игор.

Љубовта кон она што го правите може да ги совлада сите пречки што ќе ви се појават на патот. Еден амбициозен човек не треба да се откажува од своите цели и успехот со сигурност нема да изостане.

Дали во Македонија владее непрофесионализам?

Игор моментално студира во САД и соработува со видни личности од филмскиот и театарскиот свет, меѓу кои и со режисери од Бродвеј. Тој имал прилика да го спореди професионализмот во Америка и (не)професионализмот во Македонија.

„Професионализмот лежи во тоа што артистите не дозволуваат нивните емоции, фрустрации и его да им влијаат на професијата и одлуките. Мнозинството Американци, согласно системот, се тренирани да ги потиснуваат емоциите, да наградуваат и да пофалуваат успех бидејќи самите сакаат да напредуваат, да се надградуваат со знаење и да бидат опкружени со успешни луѓе. Кај нив животот е работа – работата навлегува целосно во животот, па имаат поголема потреба да се занимаваат со тие разграничувања помеѓу приватноста и стручноста и тој начин на однесување е природен за нив. Кај нас, начинот на живот налага нешто друго. Кај нас е обратно – животот и приватноста навлегуваат во работата, но далеку од тоа дека ситуацијата не може да се надмине и подобри“, отворено зборува Игор.

Таа ронка надеж му остава простор на Игор еден ден да продолжи да работи во Македонија и да не „пушта корени“ на едно место.

„Како уметник чија професија зависи од проекти, а не од фиксно работно време и чија професија ги вклучува и патувањата, јас не би смеел да се ограничувам. Постојат многу колеги во мојата професија кои постојано менуваат места на живеење согласно работните понуди и проектите. Природата на уметникот е да не мирува и да не се задоволува со монотонијата на едно место. Би работел секаде каде што би имал прилика, можност и убава енергија, вклучувајќи го САД и, секако, Македонија каде многу други работи ме врзуваат за неа, настрана од професијата“, признава младиот уметник.

И покрај тоа што во странство работите се малку поинакви, тоа не значи дека ситуацијата во Македонија не би можела да се смени и подобри. Постојано треба да се работи на општествениот напредок и да се прифаќаат промените кои се добри за народот и неговиот развој.

 

Преземено од kafepauza.mk

 

Translate »