Канео и Плаошник во вашиот двор – Стојан Арсиќ

 Често милувам да кажам дека имам две татковини:  Србија  во која сум роден   и Македонија во која израснав и ја поминав мојата младост и зрелост, вели Стојан Арсиќ.

Професионалниот век го поминал во образованието, каде бил почитуван и наградуван. Вели дека посебно му е драга наградата – “Учител на годината” во 2008-мата. Сега, во пензионерските денови,   ужива во  пишувањето и изработката на минијатури-макети.

Го прашаваме  од каде тие две љубови  во неговиот живот, еве што тој ни одговори:

– Воглавно,  во мојот живот се преплетуваат професионалноста како наставник и моите два уметнички порива , пишувањето и онаа ретката, изработката на минијатури-макети.

Својата голема љубов кон пишувањето ја носам од најмлади години.Денес зад себе имам оставено повеке од 3000 страници објавен материјал. Пет книги поезија за деца, девет книги поезија за возрасни, два романа и збирка на афоризми, пишувани на македонски,српски и бугарски јазик.  Посебно задоволство ми претставуваат моите песни и раскази за деца кои се на страниците на учебниците по македонски јазик во основните училишта. Голем број на мои песнички како пишани текстови се вградени во музиката и изведувани на детските музички фестивали.

Од каде ја добивате инспирацијата за пишувањето, но и за изработката на вашите минијатурни архитектонски ремек-дела?

Инспирацијата за пишување ја наоѓам во детските ѓаволштини и човечките судбини.Посебно ова дојде до израз во моите два последни романа -Грст љубов и Последната алка.  Посебна љубов ме врзува за изработката на моите минијатури,  на кои работам последните петнаесетина години.Инспирацијата за овај редок тип на уметност ја наоѓам во нашата препознатлива стара архитектура,специфична за овие географски простори.Посебно ме фасцинираат нашите стари цркви и манастири како и спецификата на старите македонски куќи од мијачкиот , крушевскиот и охридскиот регион.

Вашите минијатури се изработени до најситен детал,  какви експонати се тие и каде наоѓаат примена?

Се работи за десетина експонати: Плаoшник,  Кaнео и др…  Тие го красат мојот двор,  како и дворовите на моите пријатели.Убавината на дворот ја чини парчето природа каде што   тие експонати си го имаат своето место. Мојот двор во  2015 г беше прогласен за најубав во Скопје.

Која е вашата препорака до сите оние кои своето слободно време го минуваат гледајќи телевизија?

Моја препорака за сите оние кои имаат слободно време е да го пронајдат во себе  скриениот дар и истиот да го преточат во креативно дело . Со тоа ке бидат исполнети бидејќи зад себе оставаат нешто вредно , убаво за око и почит.

 

Translate »