Капетан Манев Борче, инструктор по летање: Ги охрабрувам младите луѓе да се заинтересираат за воздухопловството!

Капетан Манев Борче, воен пилот од 2003 година, инструктор по летање од 2007 година, сега инструктор по летање и лидер на фазите сeлекција и елементарна обука на авион ZLIN-242L во “Центарот за Обука на Пилоти”

  • Од каде љубовта кон пилотирањето, што ве привлече да ги совладате тешките техники на летање?
    • Најочекуваниот одговор на ова прашање веројатно е “желба од мали нозе”, меѓутоа мојот случај не е таков. Јас првиот допир со авијацијата го имав како питомец на Воената Академија во Скопје. Би можело да се каже дека повеќе беше укажана шанса за нешто несекојдневно и примамливо, за кое во тој момент си помислив “зошто да не, вреди да се проба”. Вљубувањето настана после првиот лет.
  • Можете ли да го споредите управувањето на авионот со возење на некое друго возило. Какво е чувството да се биде на земја и да се биде во воздух?
    • Неспоредливо е, најпрво заради убавината и чувствата кои ги доживувате, а потоа и заради комплексноста. Додека летате исполнувате еден од најголемите стремежи на човештвото. Имате поинаков поглед, ве обзема чувство на слобода, се се одвива брзо и динамично. Во поглед на комплексноста, надополнето е со уште една димензија, со воздухоплов се движите во три димензионален простор, во кој за кратко време се случуваат многу промени и треба да се направат соодветни постапки. Најголемата разлика е во тоа што со сите други возила, од било каква причина можете да застанете, да размислите, донесете одлука и продолжите понатаму, во летањето го нема тој луксуз.
  • Какви тестирања треба да ги поминат кандидатите за да станат кадети на обука за пилот?
    • Во моментот е распишан конкурс за прием на кандидати за пилоти за потребите на АРМ. Конкурсот трае до 20.11.2017, а сите детали можат да се видат на интернет страницата на Министерството за Одбрана. Сите кандидати најпрво поминуваат лекарски прегледи и проверка на нивната физичка способност. Целокуната обука за пилот која ја спроведува Центарот за Обука на Пилоти се одвива на англиски јазик, заради тоа е потребно кандидатите да поседуваат соодветно ниво на позназаве на истиот. Проверката се прави со стандарден ALCPT тест на кој кандидатите треба да освојат минимум 70%. Потоа следи селекција на земја (Ground Screening), која ја реализираат тим од психолози и инструктори по летање, а се состои од компјутеризирани тестови, работа во групи и интервју со психолог. Кандидатите кои ќе ги поминат овие тестови продолжуваат во Центарот за Обука на Пилоти и во период од 3 седмици реализираат 10 летови на авионот ZLIN-242. Ова го нарекуваме селекција во воздух (Air Screening) после која се носи конечната одлука кој од кандидатите ќе биде примен на обука за воен пилот.
  • Колку трае и што опфаќа обуката за пилоти?
    • Обуката трае 18 месеци и е поделена во 3 фази. Првата фаза е Елементарна обука на авион која е во суштина продолжение на она што се работи во текот на селективниот процес. Се работат техники и постапки кои се воглавно применливи и во летањето на хеликотпер. Потоа продолжува обуката на хеликоптерот BELL-206. Во Базичната фаза кадетите учат како да управуваат со хелокоптерот, додека во напредната фаза од обуката учат како да го употребат истиот во разни мисии кои понатаму се составен дел од секојдневието на еден воен пилот. На крајот на обуката кадетите имаат околу 180 часови летачко искуство и се здобиваат со звање пилот на хеликотер.
  • Раскажете ни ситуација врзана за вашата пилотска кариера. Со какви се авантури се среќававте?
    • Секој лет е посебно искуство. Најголемиот број мои летови се во улога на инструктор и тоа го прави летањето уште повозбудливо. На секој лет учиме нешто ново, и моите ученици од мене, а и јас од нив.
  • Како реагирате кога ќе се најдете во опасна ситуација?
    • Начинот на справување со некоја вонредна ситуација во летањето е составен дел од обуката на еден пилот. За поголем број на опасни ситуации предвидени се постапки кои пилотот треба да ги одработи за на летањето да се заврши максимално безбедно. Најважно од се е пилотот да остане присебен, смирен и да ја одработи правилната постапка соодветна на ситуацијата во која се наоѓа.
  • Со оглед на тоа дека сте страствен пилот, сакате ли можеби и некои адреналински спортови?
    • Порано се занимавав со алпинизам, но тоа е спорт кој бара максимална сериозност, посветеност и редовни тренинзи, а во последно време не ми останува доволно слободно време за тоа и се задоволувам со планинарењето.
  • Што највеќе Ве возбудува во врска со летањето?
    • Веќе спомнав дека летањето е нешто сосема различно од се останато. Многу тешко е да се опишат чувствата кои ве обземаат во тек на еден лет. Летањето е динамичен процес, исполнет со многу промени и неочекувани моменти, а сето тоа носи мешавина од чувства кои брзо се менуваат, нивната природа и интензитет. За мене летањето е нешто што ме прави среќен и јас уживам во тоа.
  • Каде највеќе сакате да летате, кои предели од Македонија се најволшебни гледани одозгора?
    • Македонија е прекрасно место за летање, и тоа не е субјективен став туки и мислење кое сум го слушнал од многу пилоти од други земји кои имале можност да летаат тука. На многу мала оддалеченост ние имаме пространи низини и планини високи над 2000м, прекрасни полиња, шумски предели и карпести врвови. Во пролет, гледано од воздух снегот кој сеуште стои на планининте, безмалку ги допира расцветаните полиња во подножјето. Сето тоа прави едно шаренило кое никого не остава рамнодушен.
  • Колку чини школувањето за пилот во Македонија?
    • Да се стане пилот во Македонија во приватна режија, со само финансирање е навистина скапо и е нашто кои многу мал број наши граѓани би можеле да си го дозволат. Среќна околност е што сите млади луѓе кои завршиле високо образование имаат шанса да се пријават на Конкурсот за воен пилот и таа обука да ја добијат бесплатно. Нивна обврска е да се посветат на обуката и учењето и откако ќе завршат и станат пилоти, да останат во работен однос во АРМ следните 4,5 години. Обврска на Министерството за Одбрана е да обезбеди соодветни услови за сместување и тренинг и да ги вработи кандидатите по завршување на обуката.
  • Имате ли некој совет за младите луѓе што сакаат да се занимаваат со оваа специфична професија?
    • Најпрво би сакал што повеќе млади луѓе да дознаат за Центарот, да знаат дека ние во Македонија имаме Цантар за обука на пилоти кој работи по врвни, меѓународни стандарди, во кој се пренесуваат знаења и искуства од инструктори од Военото воздухопловство на Израел и кој, по опременост и квалитет на обука воопшто не застанува позади меѓународните трениниг центри. Би ги повикал да се заинтересираат повеќе за воздухопловството, да се одважат и да не им обрнуваат внимание на сите кои сакаат да ги оттргнат од таа идеа, да дојдат и да се обидат. Со сигурност ќе видат нешто несекојдневно, кое без разлика на крајниот резултат (дали ќе станат пилоти или не) ќе биде нешто кое ќе го паметат и раскажуваат до крајот на животот.
Translate »