Да бидеш свој во свет кој се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување
Да бидеш свој во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување. Кога еден поединец се залага за креирање на подобра околина и помага во колективниот начин на живеење преку разни акции или постапки, светот околу нас , ќе го направиме подобар, само треба да превземеме акција. Поттикнати од овие размислувања поразговаравме со Марина Анчевска, меѓународно сертифициран НЛП тренер, тренер за бизнис развој, мотивациски говорник, јога инструктор и основач на Центарот за бизнис психологија.
- Важите за инспиративна личност која пренесува позитивна енергија во својата околина. Како успевате?
Не е лесно да се успее да се остане позитивен и свој, во еден свет, кој што постојано бара од тебе да се прилагодиш и да живееш онака како што другите мислат дека треба.
Да размислуваш и да дејствуваш еколошки (добро за себе, за другите и за целиот систем), е најголемиот предизвик кога околината те наведува да живееш во кутија.
Се стремам кон баланс на сонувачот, критичарот и реалистот во мене. Важно ми е тоа што го правам да биде еколошки, да има смисла и да придонесувам.
Никогаш немаше да успеам да го постигнам ова што сум го постигнала овде во Македонија, ако се претопив во колективното размислување, дека овде ништо не е можно, се е катастрофа, сите се негативни, нема можности, идејата нема да ми успее бидејќи луѓето не разбираат вакви тренинзи итн.
Потребен е цврст ментален имунитет за да излезеш од кутијата и да почнеш да дејствуваш онака како што мислиш дека е најдобро прво за тебе, а потоа и за целиот систем.
Инспирација има насекаде околу нас. Многу е важно дали сме насочени кон барање на грешки и пропусти или кон можности и предизвици.
Јас сум секогаш свртена кон можностите и од секоја ситуација сакам да го извлечам најдоброто, бидејќи верувам дека ништо не е случајно.
- Како ги решавате проблемите, и конфликтните ситуации?
Квалитетот на комуникацијата зависи од самодовербата, личните правила т.е. верувањата и вредностите и дали превземате ризици или сте постојано заглавени во зоната на комфорот.
Ако направите промена во било кое поле, вие ќе го смените начинот на кој што комуникацирате, најпрво со самите себе. Вашиот внатрешен свет преку зборовите го искажувате и прашањето е колку умешно го правите тоа?
Во конфликти секогаш ја гледам ситуацијата од поширока перспектива. Најпрво што правам, е одалечување од емоцијата. Кога ситуацијата ќе можете да ја погледнете без емоција, тогаш ви се отвара еден нов видик, кој што има друга мапа т.е. реалност, поразлична од вашата.
Значајно е, во конфликт да можете да ја видите и позитивната намера на соговорникот.
Ние најчесто сме насочени само на однесувањето, а ретко кој се залага да види што е позади тоа однесување.
Тоа не е едноставно, меѓутоа е единствениот начин за решавање на било кој конфликт.
Најпрво треба да бидете способни да го согледате вашето однесување и да разберете што е тоа што вас ве предизвикува да се однесувате на одреден начин. Како вашата реакција влијае врз однесувањето на согворникот?
Доколку имам некоја конфликтна ситуација прво што се прашувам е, како дојдов до оваа ситуација? Како јас ја предизвикав? Што е тоа што можам да го сменам во мојот начин на однесување?
Ние секогаш имаме избор да одбере како ќе дејствуваме.
Што се однесува до проблемите, јас ги гледам како ситуации за решавање. Верувам дека за се има решение, најпрво ако ситуацијата успееме да ја погледнеме од еден друг агол. Да се насочиме кон решавање, а не барање на кривец и одговори на прашањата зошто.
Подобро е да се постави прашањето како, бидејќи тоа води кон решение, додека прашањето зошто бара оправдувања.
- На 27 септември ќе ја промовирате вашата книга “Едноставно јас!” . Кажете ни нешто повеќе за книгата и самата промоција. Што ќе содржи, за кого е наменета?
Оваа книга е иста како и животот. На моменти забавна, тажна, практична, досадна, интересна, а на моменти предизвикувачка и непредвидлива.
Книгата го претставува концептот на доживотно учење и затоа е наменета за секого. Целта е секој на свој начин да дојде до чувството дека е едноставно свој. Кога можете да кажете за себе си дека сте едноставно свој? Дека го живеете тоа што ве прави среќен, а при тоа да придонесувате во колективното. Да бидете инспирација и мотивација, прво за себе, а потоа за другите.
Животот е процес, а развојот е опција. Во целото ова патување целта е да бидеме автентични и едноставно свои. Доколку секој од нас е едноставно свој, многу лесно ќе може да се поврзува со другите, да биде флексибилен во комуникацијата, да наоѓа начини како да ги оствари своите цели и на тој начин да им помага на другите, заеднички да го креираме општеството во кое што сите припаѓаме.
Книгата ги опфаќа и објаснува четирите полиња на кои функционираме: менталното, физичкото, енергетското и полето на душата.
Сите четири полиња влијаат едно на друго и се надополнуваат. Умешноста е во тоа да знаете да препознаете на кое поле е потребно да дејствувате за да креирате хармонија во сите други полиња.
Книгата содржи и практични вежби од Невро лингвистичкото програмирање, јогата и фамилијарните системи.
На крајот од книгата има 15 раскази од дното на душата. Преку лични примери и искуства целта е да бидете мотивирани да излезете од кутијата и да направите нешто поразлично. Животот наградува искуства, а не дипломи и признаниа.
- Како функционира НЛП и центарот за бизнис психологија. Колку индивидуите и компаниите ги препознаваат предностите од едни вакви обуки?
Оваа година Центарот за бизнис психологија го слави својот 10 годишен јубилеј. Ние сме прв НЛП центар во Македонија.
Единствени сме на Балканот бидејќи НЛПто го спојуваме со фамилијарните и организациските системи и на тој начин промените се долготрајни и секако влијаат во подобрување на квалитетот на живеење како на лично така и на професионално поле.
Од почетокот до сега интересот е многу поголем. За жал, сеуште, поголем е процентот на учесници кои што сами инвестираат во НЛП програма. Организациите тоа го прават повеќе преку тимски програми и тренинзи, што е исто така многу повеќе од пред неколку години.
Невро лингвистичкото програмирање е наука за однесувањето која што ќе ви овозможи:
– Да откриете што вистински сакате да постигнете и како да дојдете до тоа?
– Што ќе ви значи доколку ги постигнете вашите цели? Колку ќе ве чини ментално, физички, материјално и енергетски, доколку не ги постигнете?
– Што ве води напред? Кои вредности и верувања ве мотивираат, а кои ве лимитираат?
– Како да бидете успешни во животот и со тоа да бидете мотивација за себе и за другите?
Најважното прашање е: Колку сте спремни да инвестирате во себе? Дали трошите време и пари или ги инвестирате во тоа што сакате да го постигнете? Кои се вашите изговори кои што ве одалечуваат од тоа што го сакате?
Невро лингвистичко програмирање е програма за позитивна промена, дизајнирана за трансформација на лично и професионално поле.
НЛП е патување кое што секогаш се памти, бидејќи програмата ја поминувате искуствено.
Невро лингвистичкото програмирање е програма з аличен развој која што ве предизвикува и мотивира да се надградувате и во професионалниот живот.
- Дали верувате во подобар свет околу нас? И колку една личност може да придонесе со своите дела?
Мојата работа и стил на живеење покажуваат и докажуваат дека верувам во подобар свет, инаку не би го работела ова што го работам.
Јас најпрво верувам во самата себе, затоа што му верувам на мојот ум. Свесна сум за моите постапки и знам што истите можат да предизвикаат.
Како сме поврзани со самите себе се рефлектира врз поврзаноста со другите, кон светот и обратно. Како сме поврзани со светот и со другите укажува на тоа како сме поврзани со самите себе. Ние сме во една мрежа од релации и нашето постоење е во постојана поврзаност со другите и со светот околу нас.
Човекот како поединец во конекција со другите, во една организација, е тој кој што ја движи организацијата и ја води кон успех или кон неуспех. Најзначајниот показател за тоа како функционира една организација, всушност се меѓучовечките односи, т.е. наједноставната комуникација помеѓу вработените.
Секоја единка е одговорна и учествува во креирањето на организацискиот систем.
Затоа е од огромно значење секој поединец да се надградува себе си, да влије во околината и да биде дел од градењето на систем во кој што самиот ќе сака да припаѓа.
Секој поединец е еднакво одговорен за своите постапки и само на тој начин станува свесен дека има избор како ќе размислува и дејствува, дека слободата на изборот ја креира сам и дека неговиот живот има смисла во целината во која што припаѓа.