Најголемиот суд во државата, Основниот суд Скопје 1, каде дневно се одржуваат десетици судења, има само една камера и дополнителна опрема за визуелно-тонско снимање на рочиштата, како што пропишува Законот за кривична постапка (ЗКП).

Поради ова, за најголем дел од рочиштата нема видео-тонски запис, а денеска немањето услови за снимање во судницата беше причината поради која се одложи и првото рочиште за случајот „Траекторија“.

Одбраната на обвинетите, Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески, ексдиректорот на Агенцијата на државни патишта Љупчо Георгиевски, побара од судот да обезбеди услови за снимање на рочиштата, како што налага ЗКП, а судијата Горан Бошевски се согласи и рече дека тие ќе бидат обезбедени за следното рочиште.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Немањето услови за тонско и визуелно-тонско снимање беше нотирано од судиите и на претходни рочишта од други судски процеси, меѓу кои и тие за случаите отворени од Специјалното јавно обвинителство.

Таков беше случајот со дел од рочиштата за случаите „Тврдина 2“ и за насилствата пред Општина Центар од мај 2013 година, познат во јавноста како „Шамари“, каде судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова нотираа дека расправите не се снимаат бидејќи единствената камера во судот е зафатена за снимање на судењето за случајот „Диво Насеље“. Но, тогаш ова не беше причина за одложување на рочиштата.

Инаку, ЗКП предвидува дека „кога не постојат технички услови за тонско или визуелно-тонско снимање на текот на главната расправа, претседателот на судечкиот советот може да нареди за текот на главната расправа да се води стенографски записник“.

Сепак, Кривичниот суд во Скопје, но и другите судови во земјава, немаат опрема за водење стенографски записник, туку во моментов тој се води дактилографски.

Неизбежен дел од текот на секое рочиште за случајот „Шамари“ е судијката Татјана Михајлова да бара од обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, да не брза и да зборува полека за да може записничарот да го фати секој збор.

Снимањето на рочиштата беше воведено со донесувањето на новиот Закон за кривична простапка во 2010 година, а кој почна да се применува од јануари 2013 година.

Мета.мк