Поезија од Витан Божиновски – Архитект по професија, поет по душа

 

Витан К. Божиновски e роден во Скопје, Македонија

Архитект по професија, поет по душа, љубител на театарот, опера и се што е поврзано со уметноста.

Живее и работи во Виена, Австрија

Oсновач на архитектонската канцеларија: ,”618 култура на просторот”

Современо секојдневие

1
Времето минува како да не било.
Едно се уште горко сончево петно.
Кон сонцето посега сето разголетно,
самото од себе развратно, сетно
Се што стреми да испили
и ождреби
вжегната рана распорена гневно;
нетрпелива дланка заштитно
треперливо, закрилно, мајчински, земно …


Својственото залудно?
Безвредното древно?
Наметнатото ревно?
Зар неминовното самото по себе вонредно,
морално, требно!?
Вештото одличи залудно
Волшебното одлута вејно
Вредното одеднаш безвредно
Ветеното распрсна грејно!

Промисленото виновно,

посаканото гревно

Завидното достоинствено
зависното потценето, прикрадно, следно.

Незабележливо провејно –
безр´бетното барано, тонодавно, слејно

Невистинското достојно
Неправичното праведно
Надразнетото растројно
Понуденото препредено, подмолно, зловедно.

Тажното весело
Површното дневно
Бесмисленото полезно
Излишното редно.

Стореното одекнува невозвратно…
Самото за себе отсечно, оскудно, чедно.

Алчното раскрепна исполнение
Развратното завладеа малолетно
Ништожното плени поколение
безобѕирно, бесрамно, штетно.

Зажареното гладно,
восхитеното жедно
полетното и жетното пелосани во едно!
Даровитото – ровито…
Непроценливото безлично, јалово, средно.

3
Совесното истиснато, презрено, потценето,
својственото напуштено, осамено, едно…

Животното гони лудопир
Особеното блескоти залудно
Обичното владее неприкосновено
Потиштеното ромори гневно.

Нежното безполезно – безполезното заразно,
секојдневното несфатено, поматено, разно.
Вистинитото извештачено,
обманливото веродостојно, китнесто, стварно.

Првичното оставено, останато
неспомнато, неспознато,
самото со себе на дно,
ненавратно …

Благородното пожелно – плодородното требно;
сето животворно признание желно!

Насадот чумосан на никнување
Породот закрепостен во развој
Опстанокот во безлично ликување
Битот разнебитен – слој по слој …

4
Бедното истоштено да одолее
Богатото опоено да се одупре
мрзоволно, безволно, болно …

Сето живословно да противи нежелно …
… да противречи, безгласно,
да спротивстави немоќно,
да избори уморно,
исцрпено, рамнодушно, тежно.

Туѓото неодоливо – домашното запоставено
Безвредното прворедно, вредното оставено.
Непостигнатото непреболиво
Недокопаното незамисливо
Достигнатото нестабилно
Поврзаното неопстоиво.
Способното своеглваво, тврдоглаво, вообразено.
Подреденото ненаклоно, завидно, разобразено.
Повластеното подмитено,
обесправеното заплашено, преплашено, одлитено.

Житејното залудено, замаено, несетно
отрпнато, успано, прегорено.
Чувствителното беспредметно, безосетно,
ничкум и ништожно – пепел сторено!

5

Зошто самохраното
жалосно и сиромашно;
тековно гладно и жедно?
Навистина ли брижното
вековно исмевано, ругано, презрено;
тапо и глупо –
нискоредно?!

Небаре жртвеното
неблагодарно, незавидно, несреќно,
безполезно, безсмислено,
скромно и чедно,
едно за ниедно –
самото на себе – јадно и бедно!

Од каде восхитното безвредно?
До кога усетното непрепознато, неважно, неосознато –
обредно само?
Присебното во себе ровари –
немоќно, разапнато, драно!

Духовното пресретнато во небрано
Душевното распрснато, па збрано;
воскреснува, одминува, преминува.
Бесознано …

6
Творечкото граби по глатко
Створеното лизга на мазно
Вознесот во трен сотрен
Вдахновеноста од шупло во празно …
Разбојот ткае и развезува
Вретеното преде и преплетува
Случајното мине и доаѓа
Судбинското пристига, запоседнува и не проаѓа!

Божественото, природно, сеопфатно, сеприсутно –
повикува и одвикнува, посочува и пренасочува;
Човечкото, за себе несвесно,
на неизмерно богатство почива –
од граничното во себе потчинето,
од предметното поробено, посвојно
заслепено, неразбудено, неоткриено,
неспремно, тремо,
лојно и осојно,
глуво и немо …

 

 

One thought on “Поезија од Витан Божиновски – Архитект по професија, поет по душа

  • 14/12/2017 at 8:19 pm
    Permalink

    …очекувано,маестрално,есенцијално,концентрирано, силно….така сирово загушува и гребе, сака да го расвориш за го гoлтнеш.

Comments are closed.

Translate »