Шилегов најави нова мерка против загадувањето
Како нова мерка за справување со загадувањето на воздухот, Град Скопје ќе воведе можност граѓаните да пријават огнови кои горат на отворено. Ваквите пријави ќе може да се вршат на бесплатната телефонска линија 193.
„Граѓаните од денеска на бесплатната телефонска линија 193 деноноќно може да пријавуваат огнови коишто горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот. Оваа активност е дел од краткорочните мерки на Градот Скопје за справување со загадувањето“, рече градоначалникот Петре Шилегов, при претставувањето на новата мерка.
Палењето огнови на отворено е законски забрането. Најчесто, тоа е последица на несовесноста на одредени граѓани, но често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на луѓето кои немаат соодветно сместување.
„Одговорно пристапуваме на ваквиот проблем. Подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и амбиентниот воздух. Но, и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна“, рече Шилегов. Притоа додаде дека лицата кои ги палат огновите заради затоплување ќе бидат сместени во еден од згрижувачките центри во Скопје.
Тој објасни дека Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ организира мешани тимови кои ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено.