Атлантик со раст на приходите
Атлантик Група во првата половина од 2017. година оствари вкупни приходи од продажба во износ од 336,4 милиони евра, што во споредба со првото полугодие од 2016. година претставува раст од 2 проценти. Добивката пред камати, даноци, депресијација и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 37,8 милиони евра што претставува зголемување за 8,4 проценти, додека нето добивката по малцинските интереси се зголеми за 15,4 проценти на 20,7 милиони евра. И покрај намалувањето на пазарниот удел во малопродажните ланци во составот на Агрокор како најголем купувач, Атлантик Група со проширувањето на соработката со друите купувачи оствари вкупен раст на продажбата во првиот дел од годината.
Првите шест месеци ги одбележа дивестицијата на производството на спортска исхрана на трета страна и фокусирање на развој на брендираното работење во овој сегмент. Фабриките во германскиот Блекеде и во Нова Градишка ги презема стратешкиот партнер, белгиската компанија Аминолабс, за вкупен износ од 27 милиони евра. Во погонот во Нова Градишка, Атлантик го задржа малцинскиот удел, а во двете фабрики компанијата договорно ќе продолжи да го произведува асортиманот на спортска исхрана во соработка со стратешкиот партнер и директно ќе инвестира пред се во развој на производи, маркетинг и продажба на брендот Multipower, приближувајќи го до премиум сегментот.
Успешно ја надминавме кризата на Агрокор
„Атлантик Група во првата половина на 2017. година оствари раст на продажбата на поголемиот дел од пазарите на кои е присутна и раст на профитабилноста во речиси сите бизнис области. Исклучително сме задоволни со резултатите, кои повторно покажуваат стабилност во работењето, оправданост на стратегијата која се ослонува на вложување во сопствените брендови и силна дистрибуција, како и успешно управување со ризиците на сите полиња. Преку стратешкото партнерство со водечкиот европски производител на спортска и здрава исхрана за трети лица го завршивме реконструирањето на Стратешката бизнис област Спортска и активна исхрана, насочувајќи ја сопствената сила на развој на брендираното работење.Успешно ги надминавме и ограничувањата поврзани со потешкотиите со кои се соочува нашиот најголем купувач и продолжува, е со развој на дистрибутивното работење, кое континуирано расте, подеднако со сопствените и принципалските брендови.“, изјави Емил Тедески, претседате на Управата на Атлантик Група.
Раст на бизнис и дистрибутивните области
На вкупниот раст на продажбата на Атлантик Група,во првото полугодие, највеќе влијаеа Стратешките бизнис области: Деликатесни намази со раст од 6,8 проценти, Пијалоци со раст од 5,8 проценти и Слатко и солено со раст од 4,2 проценти. Стратешката дистрибутивна област Хрватска забележа раст од 5,8 проценти, а Стратешката дистрибутивна област Србија, раст од 2,1 проценти. Кафето, со 20,1 процентен удел во вкупните приходи од продажбата се истакнува како најголема поединечна категорија со 67,6 милиони евра приходи од продажба.Сопствените стокови марки на Атлантик Група усчествуваат во продажбата со 68 проценти, дистрибуцијата на производи на трговски марки од принципалите со 20,4 проценти, фармацевтскиот ланец Фармација со 7,6 проценти додека производите кои Атлантик Група ги произведува како приватни трговски марки за големите деловни системи во земјата и во странство учествуваат со 4 проценти во вкупниот приход во првите 6 месеци.