Видео: Новиот албум на Горан Бреговиќ инспириран од христијанството, исламот и јудаизмот
Новиот албум на Горан Бреговиќ “Три песни од Сараево”, кој пред светската публика беше претставен во октомври, утре на 25 декември ќе биде објавен на овие простори.
Новото CD, е во издание на “AG-PR production и City Records”,и е инспирирано од трите религии – христијанството, исламот, јудаизмот и различните начини на кои виолината се свири во секоја од овие култури. Со комбинирање на овие сосема различни музички традиции како целина, “Три песни од Сараево” испраќаат порака на мир, взаемно разбирање и претставуваат културни разлики како нешто што треба да го цениме, наместо да се бориме со нив.
Називот Сараево, родниот град на Бреговиќ, овде претставува метафора за сведоци на еден друг – заеднички мирен соживот и покрај разликите, но и ужасни последици од нив.
Албумот се состои од 11 песни во кои Бреговиќ соработува со бројни уметници од неколку земји, кои претставуваат различни култури и религии. Меѓу другите пејачи и инструменталисти има светски познати како Рашид Таа од Алжир, Асаф Авидан од Израел и Бебе од Шпанија.
Успехот на албумот се должи на фактот дека, иако беше објавен пред само еден месец, е најдобро продаваното CD на територијата на САД, во рамките во светската музичка категорија, и тоа на популарните дигитални сервиси iTunes и Amazon.
– Мислам дека Бог дека во рамките на неговото работното време не нè научи како да живееме заедно. Ова е нешто што ќе треба да се научиме – рече Горан Бреговиќ