ВМРО-ДПМНЕ: Притворените лица за 27 април се жртва на политички прогон
Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков и преостанатите приведени, меѓу кои и шесте пратеници, не се терористи, туку политички затвореници. Никогаш ниту сториле ниту имале намера да сторат нешто против сопствената земја. Притворените лица од 27 април се жртва на политички прогон, велат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Против нив се води случај без никакви докази и аргументи само заради тоа што имаа храброст гласно да го изразат негодувањето со политиките на власта. Против десетици луѓе беше покренат конструиран случај и беа приведени незаконски. Кај овие луѓе полицијата не пронајде ниту едно парче оружје или каков било предмет со кој би можело да се загрози безбедноста. Тоа го докажува апсурдот на обвинението и го дава одговорот на прашањето какви се тие „терористи“ чие главно оружје е театарско сценарио, оперско либрето или некоја книга – велат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ппостапките кои што се спроведуваат против нив се незаконски и правно неосновани.
– Република Македонија не е демократска држава. Во Македонија во моментов 5 отсто од целокупниот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолкне секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт. Народниот правобранител реагираше на полициската бруталност и непочитување на законите при притворање на уставобранителите. Основното јавно обвинителство и судот молчат за овој срам. Демократијата, правната држава и владеењето на правото мора да се вратат во Македонија – се вели во соопштението.