Вработените се највредниот имот на една компанија.!

Утрово на моето работно биро ме пречека колаче со порака, Сашо, Публицис денес полни 20 години и ти благодари што 20 години си со нас! Насмеан го вклучив компјутерот, а на екранот се појави моја фотографија со истата порака.

Мал момент на внимание, кој верувам дека на сите колеги во мојата компанија им се допаднал. Сите работиме за финансиски надомест,  плата, но начинот на кој се однесуваат претпоставените кон своите вработени, односот на доверба и почит е она што прави одредена компанија да ја чувствуваме како своја. А токму таквиот однос не поттикнува да дадеме се од себе, да бидеме мотивирани, вредни, и да напредуваме.

Само ваков позитивен модел на однесување, применет во што поголем број македонски компании може да предизвика подолгорочен економски раст. Можеби затоа Публицис е една од најуспешните компании во земјава.

Само ако 2/3 од вработените доаѓаат од приватниот сектор, и кој ќе биде рентабилен, економијата може да бележи развој, а иднината да ни биде посветла.

Отсекогаш сум се чудел кој е мотивот за еден млад човек да работи во администрација? Зошто недостига храброст да се обиде со приватен бизнис, или работа во приватна компанија. Факт е е дека постои невработеност, дека во голем дел од компаниите на вработените се гледа како заменлива категорија, дека во нив не се инвестира итн.. Но зошто самите да не инвестираме во себе? Зошто да не се наметнеме! Тогаш ние самите сме кројачи на својата судбина. А кога имаме саморазвивачки модел гарантиран е успехот. Сето ова може да се постигне со континуирана едукација. Што повеќе се вложува во себе со знаење, шансите за успех се поголеми. Можеби не секој, но повеќето луѓе добиваат шанса!

Но она што загрижува во последно време е недостатокот на идеали, илузии, и желба за напредување кај дел од младите. “Луѓето премногу веруваат дека нивниот успех зависи од распоредот на ѕвездите”. Се среќаваме со ситуации каде нивните очекувања се далеку од реалноста.  Веднаш се очекува висока плата и позиција, настојување за се да се помине полесно, без барем малку да се вложи напор. Постои пребирливост за работните задачи. Се сонува за успех, но постои неподготвеност да се работи. Недостатокот на среќа е најчестото оправдување за незалагањето!

Да не се залажуваме, нашиот образовен систем не е еден од најдобрите. Се учи претежно теорија, а многу малку  пракса, се губи енергија и време на премногу неважни работи, недостига конструктивност и применливост. За еден студент, вистинското образование започнува кога ќе заврши факултет, и целиот негов живот ќе учи  да се соочува со реални работни задачи.

Не дозволувајте да ги изгубите добрите работници!

Времињата се променија, лојалноста на вработените не е толку важна како порано. Заради тоа треба особено внимание да се обрне на задржувањето на квалитетните работници. Според истражувањето на СА Персоннел њњњ.саперсоннел.цом само 9% од менаџерите ги мерат ефектите од честите промени на работници во нивните компании, иако речиси сите се сложуваат дека тоа има ефект. Доколку сакате да го измерите ефектот одговорете ги следниве прашања:

  • Колку се намалува продуктивноста во вашата компанија кога си оди еден вработен
  • Колкави се административните трошоци за промена на еден работник. Колку чини нов оглас за работа, колку време ќе изгубите на интервјуа.
  • Колкави се трошоците за обука на нов работник
  • Колку време ќе помине за еден вработен да постигне соодветно ниво на продуктивност.

Вработените се највредниот имот за една компанија, затоа треба стратегиски да се избираат и да постои грижа за нив. Но покрај прашањето кого вработувате, особено важно е и прашањето кога. Одлуката за нови вработувања треба да базира на развојните планови на компанијата, на создадените финансиски резерви, и исполнувањето на обврските.  Вработувањето на премногу квалификувано лице, може да биде исто така проблем како и вработувањето неквалификувано лице. Затоа вработувајте лица со соодветни квалификации на соодветно место. Нетреба да вработите високо образована личност за работно место кое не бара дури ни средно образовна подготовка. Вработениот по извесно време најверојатно ќе покаже незадоволство, повеќе лично поради својот индивидуален неуспех.

Не брзајте. Добро проверете ги кандидатите. Тестирајте ги…Во спротивно вие ќе бидете губитници-ќе изгубите и време и финансии.

ГРАДЕТЕ УСПЕШНИ ТИМОВИ! Неможе секој со секого да функционира успешно. Информирајте се кој со кого би сакал да работи. Не поставувајте цврсти хиерархии. Од аспект на квалитетот на работата и одговорноста треба да се знае кој е претпоставен, мора да има ред, но секој вработен исто така треба активно да учествува во работењето. Можете да отворите сандаче за коментари. Наградувајте ги оние кои во голема мера придонесуваат кон стабилност и развој на вашата компанија.

Дозволете им на вработените да ги изразат емоциите. На ваков начин ќе имате појасна слика за состојбите во вашата компанија.

 

М-р Сашо Дуљанов

 

текстот е превземен од Фактор.мк

Translate »