Хазардери, коцкари или социјални случаи!
Каде ми е билтенот? Ја барам веќе повеќе од половина час. Да му се сневиди..нервоза, пцовки!! Пред некое време присуствувам на ваква сцена, каде возрасен маж, и замерува на својата жена, која најверојатно фрлила нешто што нему му е многу потребно. Првично не знаејќи што точно се бара, мислев дека станува збор за некој важен документ (здравствена книшка, лична карта, нешто слично), или за книга (тргнувајќи од себе) за набрзо заклучам дека станува збор за бесплатниот билтен од неговата омилена обложувалница.
Во лошо расположение, мажот требаше да “дрмне” една ракија за малку да се смири, повторно да сподели некоја пцовка, за на крај да излезе од дома и повторно отиде во обложувалница, за да го земе својот најдобар пријател, бесплатниот билтен. Притоа да испие едно пиво, да се опушти од доживеаниот стрес, и да се подружи со присутните.
Верувам дека се чести ваквите случки! Ако не вакви, барем секој од нас бил дел, од не толку ретки муабети од типот кец во нула, двојка..1 Х 2, 2+, 3+, вкупно голови, двата тима даваат голови..и каква ли не друга комбинација за обложување.
Спортските обложувалници се едно од омиленото место за забава на Македонците! Место да се побегне од секојдневието, да се излезе од дома, да се потроши некој денар, и ретко кога нешто да се добие (малку исклучоци). Еднаш ќе добиеш, десет пати ќе изгубиш. Црвот те јаде од внатре, и секогаш си викаш ај следниот пат ќе добијам, и дури се планира што се ќе направи со тие пари. Но, за жал коцкарите ретко кога нешто добиваат, а губат се! Го губат својот живот, најблиските, правејќи штета на сите околу себе. Спортското обложување за повеќето е многу блага форма, без некои подлабоки штети, но ако се земе во предвид времето кое е изгубено (опортунитетниот трошок, термин добро познат на економистите), тогаш загубата и не е толку мала.
Како што се намалува стандардот на граѓаните, и тие стануваат во се поголем број социјални случаи, се зголемува бројот на спортски обложувалници, игри на среќа, популистичка забава за да се замае јавноста, да се создаде впечаток дека некој нешто наградува, а во суштина сите губиме. Еее, за само еден натпревар изгубив!..ајде ваљда следниот пат ќе има поголема среќа, ..трета среќа..и така влегуваат во еден лавиринт, од кој нема излезе, а притоа не се свесни за тоа.Ќе изгубат, ќе си ги соберат парталите си одам дома, и лседниот ден, или недела пак исто..
Не мал дел од македонците се будат со мислата кои натпревари да ги одберат, која комбинација, 20, 50 или 100 денари да вложат! За повеќето од нив тоа станува и опсесивност. Немаат можност да работат, да создаваат иднина, да работат нешто корисно, во интерес на нивното семејство. Се претвораат во коцкари, кои само ги гледаат резултатите, а не и фудбалските натпревари. За жал повеќето од нив се и луѓе кои и не го сакаат спортот, кои и не оделе никогаш на спортски натпревари. Обложувањето за нив е субкултура, животен стил,приоритет, алтернатива.
Сите овие луѓе го мислат токму спротивното. Дека тоа е нивниот избор, и тоа треба да се почитува, и дека е тоа активност која навистина ги опушта, и поради тоа и не треба да се гледа како негативен феномен.
Но, лично не се согласувам со овој избор, бидејќи како што и напишал Достоевски , во својот добро познат роман “Коцкар” секое хазардерство завршува лошо , не носи просперитет и на долг рок од него осиромашува најголемиот дел од населението. Тоа е феномен кој остава лоша слика за нашите деца, кои земајќи лош пример од своите родители и самите се почесто стануваат дел од тоа.
Спортот треба да се практикува, а не да се гледа на кајрони промена на резултати. Секој работоспособен човек треба да работи, да создава со свој труд, да се испоти со работа, и така да се чувствува среќен. Коцката е порок, па макар да е и во фетусоидна форма!
Р. Р.