Лејла Шабан: Само преку постојано учење и стекнување на вештини, станувате конкурентен
Лејла Шабан, е раководител на центарот за обука и професионална надградба „Кариера“. Повеќе од една деценија е дел Високата Школа за ОЈ и Новинарство и МИМ, промовирајќи едукација прилагодена на реалните потреби на нашата индустрија. Редакцијата на Радар.мк разговараше со неа на теми поврзани со дигиталните трендови, медиумите и односите со јавноста во Македонија.
Институтот за комуникациски студии држи обуки на различни теми. За која област постои најголем интерес?
Институтот за комуникациски студии освен што спроведува истражувања и организира постдипломски студии од областа на стратешкото комуницирање, односите со јавноста и медиумите, спроведува и обуки наменети за зајакнување на внатрешните капацитети на организациите за унапредување на комуникациските, лидерските или претприемничките способности на нивните вработени. Неминовно, новите трендови во комуникацијата и технологијата наметнуваат и нови начини на комуницирање на организациите со целните групи. Оттука и зголемениот интересот за обуки кои се однесуваат на дигиталното комуницирање и промовирање на нивните активности, производи и услуги, односно се она што го работат.
Колку македонските институции и компании ги следат новите трендови на промоција? Колку ги користат дигиталните медиуми?
Ако тргнеме од фактот дека во Македонија 70% од вкупното население користи интернет услуги, а над милион граѓани се на Фејсбук, тоа е еден импресивен податок, што би можел да значи дека таму се нивните потенцијални корисници, кои не се само пасивни набљудувачи на содржините и информациите кои им се пласираат, туку и активни создавачи на различни содржини. Затоа и генерално, организациите треба да ги планираат и имплементираат алатките за дигитално комуницирање во нивните комуникациски стратегии. Но, македонските организации некако се уште „срамежливо“ ги користат новите медиуми. Не велам дека не ги следат новите трендови, само сметам дека не се доволно искористени потенцијалите кои што тие ги нудат, како што е брзото, лесно и евтино споделување на информации, но и можноста директно да комуницираат со своите публики. Различните платформи за дигитална комуникација овозможуваат простор за креативно да ги „спакуваат“ своите приказни, пораки и информации. Неискористеноста на овие алатки може да се должи на недоволната едукација за користење на можностите што ги нудат дигиталните технологии, што сепак бара посебни вештини и знаења за да можат ефикасно да се применуваат.
Долги години сте дел од едукативните процеси преку Високата Школа за ОЈ и Новинарство и МИМ. Кој е вашиот генерален впечаток, колку младите новинари и медиумските работници генерално, се заинтересирани да ги унапредуваат своите знаења во согласност со новите светски трендови?
И МИМ и Високата школа како во минатото така и сега се стремат во своите проекти, обуки, студии да ги инкорпорираат светските трендови во областа на односите со јавноста и новинарството прилагодени на реалните потреби на нашата индустрија. Програмите преставуваат спој на најмодерните теории, истражувања и практична работа. Луѓето кои доаѓаат кај нас покажуваат особен интерес за новитетите во овие две области.
Колку вештините зависат од самиот образовен процес, а колку од самата индивидуа, и нејзината страст да самоистражува и учи?
Аристотел рекол „Образованието на умот без образование на срцето не е никакво образование“. Пред се за која и да е работа да се зафатите да ја работите, ако не е со љубов и страст нема да вроди со плод. Образованието е неминовен процес во животот на секоја човек. Учењето не завршува со нашите студии, тоа се надградува и унапредува во целиот наш животен циклус. Само преку постојано учење, стекнување на различни вештини и знаења може да се биде успешен, конкурентен, во спротивно ќе ве прегази времето.
Колку сте задоволни од проектот „ResPublica“ дали ги псотигна очекуваните резултати
Ќе бидам нескромна и ќе кажам дека сме задоволни од проектот „ResPublica“ иако секогаш може да биде подобро. Идејата на проектот беше да отвориме широки дискусии, дебати, анализи за теми кои сметавме дека се од јавен интерес во што мислам дека и успеавме. Блоговите од „ResPublica“ ги преземаат медиумите, а често се и тема на дебатни емисии. Преку отворање на нови теми, ја шириме мрежата на блогери која ја сочинуваат професори, студенти, медиумски и политички експерти, јавни службеници и други професионалци.
Што би им препорачале на младите истражувачи, новинари или експерти за односи со јавност?
Новинарите треба да истражуваат, да ги проверуваат детално сите информации, многу да читаат и да совладуваат постојано нови вештини, да бидат новинари кои ќе можат неприкосновено да работат на различни платформи. Без разлика дали се работи за професијата новинарство или односи со јавноста, дали се застапува интересот на јавноста или на организацијата, информацијата секогаш треба да е точна и проверена, и не смее да се занемари етичкиот момент. Лажните вести, спинувањето, манипулациите многу лесно можат да го срушат интегритетот и кредибилитетот на новинарот, медиумот или организацијата. Довербата долго и тешко се гради, а еднаш ако се изгуби уште потешко се враќа.