Коѕијас за “Еуроњуз”:Со Заев во Давос го договоривме името

Очекуваме од Скопје, конечно да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните, вели Никос Коѕијас, министерот за надворешни работи на Грција, во интервју за Eуроњуз на грчки јазик. Тој тврди дека Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име и како што јавува дописникот на МИА од Атина, коментира дека од другата страна не постои иста таква подготовка.

– Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и секако како што гледате тоа си има и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува, вели шефот на грчката дипломатија.

Во однос на одредницата и сложеното име, Коѕијас објаснува дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.

Во петокот вечерта Никос Коѕијас, како што објави МИА, имаше телефонски разговор со медијаторот Нимиц, во кој шефот на грчката дипломатија, му потенцирал на медијаторот дека „не е надлежен да говори за политиката на Атина“, а преговорите треба да се водат врз база на она што било договорено во Давос. Сега, во интервјуто за Eуроњуз, Коѕијас открива што се договориле Заев и Ципрас на нивната средба пред две седмици.

– Во Давос се договоривме една работа: дека ќе постои спогодба која по предлог на двајцата премиери ќе ја прави нашата страна, под моја одговорност. Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите, објаснува шефот на грчката дипломатија и додава дека за тоа кој е ставот на Атина за прашањето со идентитетот, тоа ќе го соопштат самите во преговорите, а не медијаторот. На прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара, шефот на грчката дипломатија, кусо одговара дека за с­ѐ се преговара.

Во однос на нацрт спогодбата што ја подготвува грчката влада и во следниот период ќе и ја достави на Македонија, Никос Коѕијас, уште еднаш повторува дека ќе биде текст за кој ќе разговараат двете страни, а не „take it or leave it“, односно земи или остави и вели дека „не би го нарекол краен договор, туку конечен договор, наспроти насловот „времена“ за спогодбата од 1995“.

На прашањето дали се разгледува можноста опсегот на употреба да се усвои постепено, односно по влезот на Македонија во ЕУ, Никос Коѕијас, вели дека потребно е двете страни да се држат до она за што додека преговарале постоело договор, не потоа да има промена на мислење или одново да се преговара, затоа што тоа е „преговори за преговорите“.

– Нема шанси да правиме нешто што правно, историски и политички е неприродно за две држави што сакаат да се договараат. Сакам да кажам дека промените на името треба да бидат на начин на кој ќе го олеснат влезот на соседната земја – пријател во организациите што таа посакува да стане член, коментира Коѕијас, пренесува МИА.

Шефот на грчката дипломатија вели дека „промената на уставното име е важна можност, меѓународните договори што ќе се склучат да се совпаднат со самиот Устав“ и смета дека во уставните промени би требало да биде вклучено и името. Во однос на тоа дали промените би поминале во македонското собрание, Коѕијас во интервјуто вели дека Заев има доволно мнозинство за да ратификува меѓународен договор, а „уставните промени ќе се направат кога ќе дојде време.“

Коѕијас говорејќи за Eуроњуз повторува дека и привременото име „поранешна југословенска Република Македонија“ е сложено име со вклучен терминот „Македонија“.

– Не одиме на крштевка на едно новороденче каде што прв пат ќе дадеме име. Одиме на свадба, одиме да склучиме договор со една земја што е признаена од 130-140 земји под име што го содржи терминот „Македонија“, вели Коѕијас.

Протестот во Атина, „за одбрана на името Македонија“, смета дека не бил толку голем колку што очекувале организаторите, „доколку се земе предвид дека учествувала целата десничарска, централно- десничарска и радикално десничарска опозиција, како и црквата“. Неговите проценки се дека имало од 120 илјади до 140 илјади граѓани, „но тоа не ја менува политиката на владата и одговорноста за решавање на проблемите“.

За ставот на коалицискиот партнер во владата, Панос Каменос и неговиот коментар на Твитер дека на протестот била „душата на Грците, нешто што никој не може да не го почитува“, Коѕијас вели дека во владата постои мнозинство кое одлучува. Како пример дека е нормално во коалициските влади да постојат различни мислења го споменува случајот со „мек“ или „тврд“ Брегзит и ставот на конзервативната партија и несогласувањето меѓу Борис Џонсон и Тереза Меј.

Translate »