Уреден двор привлекува добри енергии

loading...

Интервју со Ѓорги Самарџиев -Фоја

  

  • Од каде потекнува идејата за започнување на ваков тип на бизнис?

Сите се раѓаме со еден или повеќе афинитети ,таленти. Моментот кога ќе се препознаеме во одредена професија е иницијално пресуден. Но за тоа дали понатаму  ќе го работиме тоа што го сакаме, сметам  дека е пресудна праксата и работата. Тогаш идејата созрева и тогаш можеме да видиме како се поклопуваат фантазијата и реалноста?  Со Хортикултурата започнав, професионално да се бавам пред 17 год и бидејќи е област со широк диверзитет , признавам  дека со задоволство сеуште се пронаоѓам.

 

  • Колку време постоите? Колку члена брои вашиот тим?

Фирмата постои повеќе од 10 години и вклучува 30тина *Флорамисионери

* Флорамисионер

Вид збор: Именка, машки род

Значење: Тој што е посветен на растенијата, растителниот свет и природата со голема жар, во мисија.

 

  • Дали клиентите често доаѓаат со невозможни барања и како се справувате со истите?

Понекојпат, да имаме нереални барања од клиентите, но секојпат преку разговор постигнуваме договор. Бизарните проекти секојпат паралелно се ограничени со буџетот и прагот на отпорноста на растенијата , односно трајноста на целокупното решение.

На пример : подигнување на трајна вертикална градина, подразбира инвестиција во подготовка што чини 500% повеќе од вредноста на растенијата. Наспроти стандардно посадени растенија во почва, за нив подготовката и реализацијата обично изнесува 10 -30% плус.

 

  • Имате ли некоја интересна приказна од досегашната работа со клиенти?

Да, впрочем работата и луѓето секојпат причинуваат да се создаваат интересни моменти.

Во поголем број случаи, недоразбирањето е причина за истите. Но кога се поставуваат искрени релации на комуникација, крајот на приказната најчесто е `среќен`.

 

  • Кој е најголемиот успех кој го имате постигнато досега?

Медал сигурно не, досега не сум добил. Можноста и желбата да ја работам работата што ја сакам за мене е доволен успех.

 

  • Каде наоѓате инспирација за креирање на дизајните?

Ќе звучи како клише, но природата најмногу ме инспирира и секако проекти, дизајни и решенија на уметници, архитекти и колеги. Фирмата е комерцијално ориентирана и од таму решенијата што ги нудиме и реализираме. Ги целиме во насока да се издржани, соодветни, декоративни, трајни, да ни се допаѓаат нам и на клиентите.

Илузија е, но копнеам да бидам сведок, а уште повеќе креатор на пејзажни решенија кога цели населби и градови ќе бидат `насадени` врз автохтоната (матичната) вегетација типична за одредено подрачје или реон. Замислете населба покрај река во дворовите на куќите се простира крајречна плажа обрасната со шума од врби и евли,зачинета со обална вегетација на жолт ирис , диво нане, лопух итн…..Или покрај улиците в планина, дрворедите се шумски појаси на дабот или буката, а крововите на објектите планински пасишта со карактеристични треви и перени. А во цветните корита на балконите грми буица од планински чај, како пародија на старомодните петунии. Ха,ха.

  • Како изгледа целиот процес на уредување на една градина?

 

Секој повик или барање е уникатно искуство. Во разговор со клиентите, од анализата на просторот, архитектурата на објектите и партерот, буџетот и можностите за идното одржување. Креираме рационално решение за секој клиент. Подговителните работи на терен од аспект на обезбедување на погодна почва и вода за полевање, мора да се изведат соодветно и според потребите за идната вегетација (без импровизации) ,доколку сакаме нормално да се развиваат растенијата. Во пејзажното уредување дизајнот и моментот на реализација се многу важни фази,но според мене тоа е најкусиот, нејлесниот и најубавиот дел. Градината е жива композиција која има секојдневни потреби, динамична заедница на растенијата кои природно се менуваа и растат. Одржувањето  на растенијата според мене е најважниот , најмачниот и најнеблагодарниот дел од процесот на уредување на една градина. Затоа со полн респект се обраќам кон сите кои посветено ги одгледуваат своите или туѓите градини. Низ тековната работа, градината буквално се моделира и и` се продолжува векот. И покрај тоа што е катадневна обврска ,крајниот резултат секојпат  воодушевува . Не постои убаво уредена урбана градина која може да функционира без одржување.

 

  • Кои растенија се најпогодни за одгледување со оглед на нашата клима?

Листата на потенцијални погодни видови е многу долга. Желбата каков ефект сакаме да постигнеме, колкав простор имаме на располагање и колку време и можност имаме да им се посветиме на растенијата треба да бидат пресудни при изборот. Многу често млади садници од  дрвја се садат многу близу едно до друго или пак до објект. Сметајќи дека се мали, нема брзо да пораснат и по десетина години проблемот се наѕира. Но дури и тогаш ако навреме се реагира со кроење, грешките може до одреден степен да се поправат.

 

  • Кои се најбарани растенија?

Гледано по број на садници, најмногу се бара и сади сезонски едногодишен цветен расад.

Тоа е добро за љубителите бидејќи со релативно мала инвестиција ,постигнуваат голем ефект и секоја сезона имаат можност поинаку да го уредат својот простор. И секако добро за економијата и проиводителите .

 

  • Кое растение бара најмалку грижа, а кое најмногу?

Обично комшиските и туѓи растенија не бараат, наспроти домашните, посебно омиленото на партнерот !

 

  • Во однос на домашните саксиски цвеќиња и растенија (набројте неколку кои се најбарани или можеби помалку познати, но интересни за одгледување), кое цвеќе/ растение кога се сади? Каква почва бара? Како се чува? Кога треба да се пресади? Колку често треба да се наводнува? Како се потхрануваат? Која температура е поволна за кое растение?

За ова прашање со одгворот треба да го пополниме цело списание. Накусо, покрај многуте  одомаќинети  растенија многу егзотични надворешни растенија се прилагодуваат во собни услови,посебно палмите,кактусите и оние кои поднесуваат сенка. За повеќето растенија важи доколку редовно се прихрануваат и полеваат  успешно се развиваат и во мали саксии со хранлив супстрат (почва). Ако условите се погодени релативно брзо растат . Можете да комбинирате повеќе растенија со слични барања во една саксија или едно растение кое развива повеќе избојци ,одреден период да не го расадувате . Поубаво личат растенијата кога раскошно и богато ја исполнуваат саксијата, наспроти `мали чепчиња удавени во големи казани` ? Растенијата преку симптомите покажуваат дека нешто не им годи и треба да реагираме , доколку сакаме да ги одржиме. Редовна проверка дали листовите ја имаат природната боја, без суви крајчиња,дали се нападнати од некој инсект? Во саксиите без дупки да не се претерува со полевање, бидејќи растението може да вене и од многу вода (удавени корења). Несоодветно бујни и разгранети растенија ,напролет шишајте и кројте им ги гранките. За повеќето собни растенија неопходни е температура над 15Ц.

 

 

  • Кои цвеќиња и растенија се садат на крајот на летото?

Безмалку сите растенија кои добро се закоренети и одгледани во саксија може да се садат и пресадуваат во лето. За заинтересираните, летото е исто така поволен период за размножување ,ожилување на  гранчиња од повеќе видови кои можат вегетативно да се размножуваат.

 

  • Во последно време модерно е да се одгледуваат зачини, можете ли да ни дадете некаков совет околу одгледувањето на зачини? Кој зачин каква нега бара? И на што треба најмногу да се внимава?

Доколку садиме зачини во саксија, да одбереме поголеми саксии (со дупки)минимум 20-30 литарски и поголеми. Да обезбедиме квалитетна почва. За лаванда, розмарин, жалфија, мајчина, оригано, босилек и други кои сакаат сонце, да им одбереме сончева најмногу до полу сенковита отворена,проветрена позиција. Повремено кроење им годи, посебно после цветањето и допринесува да формираат погусти крошни. Ефектот е поголем и пријатната миризба е поинтензивна кога комбинираме различни зачини во една саксија.

 

 

 

 

Translate »