Кирил Божиновски ќе добие кривична пријава за вработувањата
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, денеска соопшти дека поранешниот генерален секретар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, со вработувањето на 600 лица во Државниот секретаријат кои не оделе на работа, а земале плата, го оштетил буџетот за 824.000 евра. Тој најави дека против Божиновски ќе биде поднесена кривична пријава, а против 60 лица веќе се почнати дисциплински постапки.
– Располагаме со писмена евиденција која како доказ ќе биде доставена до Јавното обвинителство, од којашто се гледа дека овие вработени, во последните две, три или четири години, зависно од тоа кој кога е примен на работа, еднаш во неделата во однапред подготвен распоред, доаѓале да се потпишуваат дека се присутни тој ден. Во другите четири дена немале никаква обврска. И во истиот ден кога доаѓале на работа, немале никаква друга обврска, туку едноставно требале да дојдат и да се потпишат – соопшти Рашковски.
Тој истакна дека тие вработени ги уживале сите права, односно користеле годишен одмор, платено отсуство, иако не се појавувале на работното место, па дури и фиктивно биле оценувани за својата работа. Вработените кои не оделе на работа, редовно добивале средна оцена – тројка, која според законот им овозможува ниту да бидат унапредени, ниту, пак, деградирани.
Превземено: Мета.мк