Филип Ивановски-Културата за селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад е нешто на што треба да се работи континуирано
Во системот на Пакомак во 2017 година се пријавени над 48.700 тони амбалажен отпад, од кои речиси половина и се рециклираа
Комуналните претпријатија не смее да станат кочничари на започнатите процеси за примарна селекција на отпадот.
Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ги објави своите резултати од напорите за организирана заштита на животната средина за 2017 година. Според официјалните извештаи за изминатата година, компаниите-членки на Пакомак пријавиле над 48.700 тони амбалажен отпад од кои 45.7% од пријавените количини се рециклирани или поточно 22.237 тони.
„Културата за селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад е нешто на што треба да се работи континуирано. Нашите резултати велат дека од година во година постигнуваме напредок и успех, но сè додека секое домаќинство и угостителски бизниси го немаат ова како вообичаена пракса не можеме да кажеме дека сме ги постигнале целите. Ние сме сè уште во еден процес на развој и примена на оваа идеја. Преку различни проекти сакаме да ги воспитуваме и насочуваме, пред сè, помладите, едуцирајќи ги за важноста на рециклирањето, но се разбира пораката ја пренесуваме и до останатиот дел на засегнатата публика. Во секој случај би било неблагодарно да не се чувствуваме задоволно имајќи ја во предвид целокупната слика од почетоците до денес. Кога го започнавме ова еко-патување наидовме на состојба на терен каде селектирањето на отпадот беше на многу ниско ниво, а како тема на дискусија воопшто и не постоеше. За разлика од денес кога за ова се разговара и свеста е подигната на повисоко ниво, но постои уште простор за работа“, вели Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак. Особено сме горди што во 2017 година собравме над 2300 тони стаклена амбалажа односно над 4 милиони разни шишиња и тегли.
Како што велат од Пакомак тие и понатаму ќе продолжат со инвестиции во комунална инфраструктура во градовите низ републиката, бидејќи во некои општини сè уште нема доволно контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање. „Наша цел е интензивирање на соработката со локалните самоуправи, и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат“, вели Ивановски. Но, исто така не смее да се изостави како многу важен фактор и улогата на граѓаните, и нивната решителност и свесност за важноста да се селектира отпадот кој се однесува на пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, се разбира во оние место каде нив ги има. Најпосле, комуналните претпријатија како единствени овластени собирачи на селектираниот отпад мора да бидат многу поефикасни и редовно да ги празнат контејнерите со селектиран отпад. Во спротивно ќе имаме ѓубришта околу контејнерите и тоа ќе биде дестимулирачко за граѓаните кои сакаат да селектираат. Комуналните претпријатија не смее да станат кочничари на започнатите процеси за примарна селекција на отпадот.
Постојат се повеќе депонии каде се одложува отпадот, кој пак влијае на квалитетот на почвата при тоа намалувајќи го обработливо земјиште. Рециклирањето значајно ја намалува количината на отпадот кој се складира по депониите, а со тоа се намалува емисијата на метан, гас кој се создава при разградување на отпадот. Тој е еден од главните виновници за создавање на ефектот на стаклена градина и штетните климатски промени на Земјата. Ова е само еден од показателите за важноста на селектирањето на отпадот и негово рециклирање. Тука се разбира е и штедењето на енергијата во производството, бидејќи потрошувачката е значително намалена кога производите ги добиваме со преработка на рециклираните материјали, се штедат и природните ресурси како и многу други бенефити.