Дали навистина ни треба НАТО?

д-р Здравко Савески

Сегашната власт троши огромни буџетски средства за нешто што нема многу да придонесе за физичката безбедност во Македонија, за нешто што за нас претставува луксузирање. Притоа, при слепата фиксација Македонија по секоја цена да ја вклучи во НАТО, прави потези кои предизвикуваат пораст на национализмот, а со тоа се влошуваат меѓуетничките односи и безбедносната ситуација во државата.

НАТО од секогаш ни го продавале како да е „светиот грал“. Претходно нè убедуваа дека тоа е структура која ја промовира демократијата, но откако проблемите со демократијата во Турција станаа очебијни, овој „аргумент“ денес ретко се слуша. Но, затоа тука е цела низа од пропагандни тези чија уверливост се темели врз „старата, добра“ практика: стопати повторената лага станува вистина. Бесрамно се лаже дека НАТО бил услов за зачленување во ЕУ. На осиромашениот народ му се труби дека зачленувањето во НАТО ќе донело инвестиции, а тоа, автоматски и повисок животен стандард. Иако на Македонија не ѝ се заканува напад од ниту една друга земја, се шират нереални стравови кај луѓето и се сака да им се „продаде“ НАТО онака како што осигурителните агенции им продаваат полиси за осигурување на граѓаните: нели, што ако ви се случи да ви падне тула на глава од некоја зграда? Притоа, свесно се блокира пристапот на контрааргументите до пошироката јавност и намерно се девалвираат нивните носители. На пример, на лица кои очигледно го поддржуваат зачленувањето во ЕУ и кои, особено, ги поддржуваат „европските“ вредности во поголема мера отколку тоа што го прави ЕУ, им се импутира ориентација кон (Путинова) Русија.

Што добива Македонија ако стане целосна членка на НАТО? Зошто задржувањето на статусот на членка на Партнерството за мир е недоволно? Дали проценката дека прогресирањето до целосно зачленување во НАТО се темели врз реални анализи за зголемени инвестиции и зголемена безбедност или тоа е мислење истресено од ракав? Се плашам дека повторно, по не знам кој пат, паѓаме на евтината пропаганда на елитите кои ни ветуваат ридови и долини за, откако ќе си ја истераат агендата, ние да останеме со прстот в уста. Камо подобрување на животниот стандард? Камо зголемување на безбедноста? Тоа ќе бидат прашањата, кога уште еднаш ќе сфатиме дека сме биле излажани, и дека, уште еднаш, ни продале магла. Ќе ја научиме ли конечно лекцијата?

Членството во НАТО чини пари

Во контекст на големите економски проблеми на Македонија аспект кој не смее да се занемари е финансискиот аспект на членувањето во НАТО. НАТО како воена и милитаристичка организација бара и наложува нејзините членки да трошат пари на вооружување, пари кои можат да се искористат доста попаметно. Согласно заложбата од 2014 година, членките што не одвојуваат 2 отсто од БДП за одбрана и 20 отсто од буџетот за одбрана за воена опрема и „истражување и развој“, тоа треба да го направат до 2024 година. Ваквите заложби се бараат и од земјите аспиранти за членство во НАТО. Буџетот за одбрана на РМ во 2016 беше 1,0 отсто од БДП. Ова значи дека од Македонија и нејзиното сиромашно население се бара дуплирање на трошоците за одбрана. Ако во 2016 година буџетот за одбрана беше 5,9 милијарди денари (96,3 милиони евра) политиката на милитаризација на НАТО би значела дека Македонија требаше таа година да потроши вкупно 192,7 милиони евра. Во ситуација кога буџетските средства не се користат за вистинските потреби на граѓаните, кога се крати онаму каде што не смее да се крати, не треба да дојде до промена во таа насока, туку треба уште повеќе пари од сега да се трошат за нерационални работи? Дополнителни 100 милиони евра за „одбрана“. На штета на кои буџетски ставки? Нема тоа да биде на штета на здравството, социјалната помош, заштитата на животната средина? Не бидете така сигурни.

Зачленувањето во НАТО веќе нè чини доста. Еве колку пари се потрошени во последните 10 години за „интеграција во НАТО“:

Табела 1: Буџетски средства предвидени за интеграција во НАТО. Извор: Министерство за финансии

Бројките кажуваат дека во последните десет години се потрошени 3,85 милијарди денари (62,7 милиони евра) на ставката „интеграција во НАТО“. Притоа, власта на СДСМ и ДУИ, во својата агресивна стратегија за вклучување на Македонија во НАТО, предвиде не само рекордна, туку и драстично поголема сума за „интеграцијата во НАТО“. Таа сума изнесува речиси исто колку сумата за трите последни години заедно, речиси е трипати поголема од просекот за претходните девет години (2009-2017) и речиси е една четвртина од вкупната сума што во последните десет години е потрошена за интеграција во НАТО. Прашањето е дали сиромаштијата ќе ни беше иста ако овие пари се потрошеа за намалување на сиромаштијата наместо да се фрлеа во бунарот наречен „интеграција во НАТО“?

Кога се прави буџетот на една земја, за ограничените парични ресурси постои огромна конкуренција каде и за што ќе бидат потрошени. Во предвидените буџетски средства за 2018 година, споредено со претходната година, кај ставката „интеграција во НАТО“ има пораст од неверојатни 619 отсто. Истовремено, кај други две важни ставки, намалување на загадувањето и истражување во образованието, не само што нема зголемување (иако целиот буџет е поголем), туку има и сериозно намалување за една третина.

Табела 2: Предвидени буџетски средства за интеграција во НАТО, намалување на загадувањето и истражување во образованието во 2017 и 2018 година. Извор: Министерство за финансии

Кога се поддржува интеграцијата на Македонија во НАТО, треба да се размисли околу следново. Прво, забележливо е дека за интеграција во НАТО и за намалување на загадувањето во 2017 година беа предвидени речиси исти суми. Со оглед на ургентниот проблем со загадувањето, дали далеку поодговорно немаше да биде ако порастот од 619 отсто во буџетските средства беше кај ставката „намалување на загадувањето“ наместо за интеграција во НАТО? Второ, навистина е жално намалувањето на средствата предвидени за борба против загадувањето и за научно-истражувачка дејност. Но, дали намалувањето на овие средства не е поврзано со енормното зголемување на буџетските средства за интеграција во НАТО? Една буџетска ставка не може да порасне значително, без тоа да не биде на сметка на другите ставки. И кога ќе се сетиме на загадувањето и кога ќе се сетиме на катастрофалната состојба на македонската наука, треба да помислиме на НАТО. На тоа се трошат парите што можат да значат намалување на загадувањето и подобрување на нивото на нашата наука. И, во контекст на најавите на министерката Шекеринска дека со амбициозно темпо планирале да го стигнат нивото од 2 отсто од БДП за одбрана, прашање е уште колку дополнителни кратења на други буџетски програми ќе треба да се направат за тоа да се случи.

Што добиваме за парите за одбрана?

Безбедност? Стопати повторената лага станува вистина, нели? Најголемата и реално единствената опасност за загрозување на физичката безбедност во Македонија е опасноста од меѓуетнички судир помеѓу Македонците и Албанците. Тврдењето дека има ризик Македонија да биде нападната од некој од нашите соседи едноставно не е засновано врз фактите и покажува тотално непознавање на динамиката во современиот свет, каде превласта во одредена земја далеку поретко се врши преку агресија, а почесто преку инсталирање на марионетска структура на власт и преку инвестициско пенетрирање во таа земја.

Согласно основачкиот документ, НАТО нема надлежност да се меша при внатрешен судир во некоја земја членка. За да се избегне опасноста од внатрешен меѓуетнички судир, не ни треба зачленување во НАТО, туку подобрување на меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците, не ни треба милитаризам, туку антинационализам. Па добиваме една парадоксална, но и опасна ситуација. Сегашната власт троши огромни буџетски средства за нешто што многу нема да придонесе за физичката безбедност во Македонија, за нешто што за нас претставува луксузирање, а притоа, при слепата фиксација по секоја цена да ја вклучи Македонија во НАТО, прави потези кои предизвикуваат пораст на национализмот, а со тоа се влошуваат меѓуетничките односи и безбедносната ситуација во Македонија. Невиден дилетантизам од наводно реалистичките политичари!

Се наведува и аргументот дека поддршката на Албанците за НАТО е исклучително голема и дека откажувањето од НАТО аспирациите само по себе ќе предизвика влошување на меѓуетничките односи. Тоа е забелешка која треба сериозно да се земе предвид. Да, ако се земе како дадена сегашната состојба на еднострано информирање околу НАТО и ако се земе како непроменлив факт дека власта нема да работи во корист на народот, тогаш, да, откажувањето од НАТО аспирациите веројатно ќе го има овој ефект. Но, што ако Македонија остане, како досега, дел од НАТО структурите како членка на Партнерството за мир, што ако власта работи за подобрување на животниот стандард на сите граѓани, вклучително и на етничките Албанци, и што ако се подигнат економските и демократските стандарди за Македонија да ги исполни условите за членство во ЕУ? Дали таа алтернатива ќе предизвика незадоволство кај етничките Албанци? Или, од почеток ја отпишуваме волјата на власта да го подобри животниот стандард на обичниот народ, од почеток тврдиме дека интеграцијата во ЕУ е недоволна, го игнорираме фактот дека веќе сме дел од НАТО структурите, па си дозволуваме да тврдиме, како тоа да е факт, дека откажувањето од плановите за целосно членство во НАТО ќе наиде на непремостливо незадоволство кај етничките Албанци?

Кога сме кај физичката безбедност и ризиците за нејзино нарушување, да спомнеме дека активното учество во освојувачките војни на членките на НАТО (без разлика на плаштот со кој се наметнати) ја зголемува ранливоста на Македонија од терористички напади. Зашто, од гледна точка на евентуалните извршители на терористичките напади, и Македонија станува агресор. Министерката Шекеринска се пофали со 20-процентно зголемување на бројот на македонски војници во Авганистан. А за колку проценти се зголемија ризиците од терористички напад? Терористички напади се случуваат и во земји со далеку поробусни безбедносни системи, кои Македонија не ги поседува. Зошто, во таква ситуација, се зголемува опасноста Македонија да стане мета на терористички напади?

Уште еден важен аспект за крај. Безбедноста не се сведува на физичката безбедност, како што многу „безбедносни експерти“ милуваат да ги претставуваат работите. Безбедноста, односно сигурноста, ја вклучува и социјалната сигурност. Во Македонија социјалната несигурност е огромен проблем и за многумина таа е посериозен фактор на загрозување отколку физичката несигурност. Неможноста да се најде соодветно работно место, стравот од губењето на работното место, стравот дали ќе се оствари правото на пензија, дека банките нема да им го земат станот поради долгови – тоа за многумина македонски граѓани предизвикува далеку поизразен страв отколку опасноста дека ќе бидеме нападнати од некоја друга држава. Тоа го кажува и структурата на одговорите од оваа анкета, спроведена во септември 2017 година.

Графикон 1: Приоритети на новата влада според граѓаните на Македонија. Извор: „100 дена влада и локални избори“, 8 стр.

Прашањето е премногу важно за да не биде дебатирано

Дали навистина ни е потребно НАТО, дали тоа е приоритетно прашање, колку буџетски средства се трошат на интеграцијата во НАТО, кои се вистинските безбедносни ризици со кои се соочуваме – тоа се прашања за кои треба да се отвори аргументирана дебата. Наспроти тоа, она што веќе 27 години го слушаме е празно мантрање дека имало консензус за зачленување во НАТО. Во последната деценија несогласувањето со зачленувањето во НАТО порасна од 5 отсто во 2008 на 21 отсто во 2017 година (ИРИ, 55 стр.). Секој петти граѓанин на Македонија е против зачленувањето во НАТО, но елитите уште тврдат дека имало консензус за НАТО? Навистина интересно сфаќање за тоа што е консензус. А што ќе се случи со поддршката за НАТО ако граѓаните престанат да бидат изложени на постојан баражен оган од еднострани информации, дезинформации, ширење лажни стравови и криење на релевантните информации во врска со НАТО? Што ќе се случи ако се овозможи аргументирана дебата во врска со ова прашање?

Досега елитите одбиваа тоа да го овозможат. Иако станува збор за прашање кое е премногу важно за да не биде дебатирано. Веројатно одбивањето на дебатата ќе продолжи и понатаму. Ретките исклучоци само ќе го потврдуваат правилото. Што значи за една демократија кога мислењето на една петтина од граѓаните константно се игнорира или маргинализира, тоа им оставам на читателите самите да извлечат заклучок.

преземено од Республика

http://respublica.edu.mk/blog/2018-04-03-09-56-21

Translate »