Две деца од Неготино биле заборавени на екскурзија во Италија
Скандали во училиштата во Неготино продолжуваат да ја брануваат јавноста во изминатиот период. И додека се уште не стивнале реакциите по снимката со претепување на ученичка во основното училиште во градот, од страна на нејзини соученички, деновиве актуелна е друга драма, која што се случувала за време на средношколската екскурзија, која се одржала од 2 до 8 април, кога двајца ученици биле оставени сами во Италија, додека групата продолжила во Франција, пишува Фокус.
Имено, екскурзијата на ученици од трета година од СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’’, започнала и се одвивала според однапред договорениот план. Четири ноќевања и полупансион, посета на Венеција, Верона и Милано во Италија и посета на Ница, Кан и Монте Карло во Франција била понудата на туристичката агенција ,,Балкан Турист’’ од Кавадарци, чиј сопственик е Тони Ристовски, кој заедно со уште двајца претставници од агенцијата бил присутен на екскурзијата, а покрај нив децата ги придружувале и девет професори и еден лекар. Присутни биле 133 ученици, сместени биле во два хотели, а се патувало со три автобуси.
По враќањето од екскурзијата, родители на социјалните мрежи обелоденија дека се случил скандал, кога две деца биле оставени во хотелот во Италија, бидејќи доцнеле петнаесеттина минути, а целата група со професорите и средношколците без нив, со автобусите продолжила во Франција. Децата го минале целиот ден во Италија сами, а групата се вратила назад дури во вечерните часови. Нивната реакција веднаш беше пренесена од страна на повеќе медиуми во земјава.
Родителите ја обвинија агенцијата и нејзиниот сопственик, но и наставниот кадар кој што бил задолжен за учениците, за негрижа и загрозување на безбедноста на нивните малолетни деца. Велат дека можело се да им се случи на учениците оставени сами во туѓа земја, а во времето кога децата им се јавиле и телефонски ги известиле што им се случило, тие преживеале агонија. Со часови се обидувале да стапат во телефонски контакт со сопственикот на агенцијата, Ристовски, но безуспешно.
Ангел Велјанов, татко на едно од момчињата кои биле оставени во Италија, за ,,Фокус’’ го потврди настанот.
-Моментално сум во Германија, возам. Ќе видиме дали ќе тужиме, сметам дека најголема одговорност има сопственикот на туристичката агенција ,,Балкан Турист’’. Но, ќе размислам точно кој се би бил тужен за случајот. Кога ќе завршам со турата ќе ве контактирам за сите детали – ни изјави Велјанов.
,,Фокус’’ го контактираше и сопственикот на туристичката агенција ,,Балкан Турист’’, Тони Ристовски, кој тврди дека одговорноста за настанот е кај професорите, а не кај агенцијата.
-Јас сум задолжен екскурзијата да оди според предвидениот редослед, но не можам да сносам одговорност за однесувањето на учениците. Тоа е задолжение на професорите. Не дозволувам некој да фрла дамка врз мојата 30-годишна работа! Одговорноста треба да се бара на друга адреса, јас мојата работа си ја завршив професионално. Редовноста, однесувањето и дисциплината на учениците се на одговорност на професорите, а моја одговорност беше спроведување на програмата во целост, за која што платија 133 ученици – вели Ристовски. Од моја страна, должен сум да ја спроведам екскурзијата според планот, значи треба да се посетат сите места кои се наведени во договорот и за кои учениците си платиле. Јас сум нивни водич и задолжен сум за безбедноста, но не и за одржување на дисциплина помеѓу учениците. Имавме родителска средба пред одржувањето на екскурзијата, и тогаш пред родителите ја појаснив програмата. Посебно истакнав дека треба да се има одговорност и дисциплина, да нема каснење. Едно каснење од 15 минути повлекува друго, и се губат часови, така е на секоја екскурзија. Значи, ние имаме локални водичи кои се платени и работат со време. Да се изгуби еден час за време на планирана екскурзија, значи и да се нема време да се оствари планирана посета на некое место, што секако веднаш ќе повлече негодување и обвинувања дека агенцијата не го исполнила ветеното. Токму поради тоа и инсистираме секогаш да се биде на време – вели Ристовски.
Тој додава дека неколку ученици, помеѓу кои и едниот ученик кој што бил оставен во Италија редовно каснеле. За тоа како двајцата ученици биле оставени и групата продолжила во друга земја без нив, детално раскажува.
-Значи, професорите се тие кои што се одговорни за тоа дали учениците се на број, дали доцнат, дали се однесуваат дисциплинирано. Ние од туристичката агенција сме должни да ги однесеме на оние места кои што се договорени и безбедно да ги вратиме назад. Она што се случи утрината, кога двајцата ученици беа оставени се одвиваше на следниот начин: Бевме сместени во два хотели во Пиано Марина во Италија. Во 8 часот и 45 минути сите ученици требаше да бидат пред рецепција од каде се одеше на паркингот, до автобусите. Паркингот беше оддалечен на околу пет минути. Во пет минути до девет часот стана јасно дека недостасуваат двајца ученици. Нивни соученици и професорка им се јавија на телефон, децата им кажале дека се во хотелот. Кога професорката и неколку деца заминале во хотелот, не ги нашле таму. Повторно им се јавија, беше веќе 9 часот и 35 минути, се уште ги немаше и сите останати од групата ги чекаа. Тогаш учениците по телефон кажале дека се изгубени и не можат да го најдат паркингот. Три полни автобуси ги чекаа, и професорите им кажале дека ќе тргаме без нив, да се вратат и да чекаат во хотелот. Според мене, некој од професорите требаше да остане во хотелот со нив, но тоа не е моја одлука и јас не можам да сносам одговорност. Зошто никој од професорите не сакаше да остане со двајцата ученици, тоа прашајте ги нив. Заминавме во Франција, поради доцнењето од околу еден час, немавме доволно време како што планиравме, а назад во хотелите во Италија се вративме вечерта околу 11 часот. Не може поради двајца ученици да им се ускрати предвидената програма на останатите 131 ученик. Какви ќе беа реакциите доколку го изоставевме патувањето во Франција? – прашува Ристовски.
Повторува дека тој нема никаква одговорност за настанот, туку професорите треба да сносат одговорност за своите ученици. Исто така, потенцира дека и минатата година неговата агенција имала екскурзија со истото училиште, но се поминало како што треба.
-Од она што го слушнав, оставените ученици додека ние бевме во Франција се возеле со велосипед низ градот. Знам дека беа лути што не ги чекавме, но како им е на останатите кои што дошле на време, а поради нив имаа еден час помалку за разгледување во Франција? Поради неодговорност од двајца, на удар се најде цела група од 131 ученик – раскажува тој.
Но освен каснењето, се жали и на голема недисциплина, па вели дека токму поради некултурата на одредени ученици, неговиот партнер од Италија ја прекинал соработката со неговата агенција, односно писмено го известил дека нема повеќе да прима групи од Македонија.
-Ви го доставувам и писмото од мојот партнер од Италија. Еве и фотографии на кои се гледа срамното однесување во хотелите, каде некој од учениците извршил нужда на подот. И во автобусите се направи голем неред. Треба ли повеќе да коментирам за тоа како некои ученици се однесуваа? – прашува Ристовски.
Вели дека екскурзијата изнесувала 14.450 денари по ученик, и како учениците имале уште една рата за плаќање.
,,Фокус’’ се обиде да добие став околу случувањата и од одговорните во СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’’ од Неготино. Во телефонски разговор, секретарката на училиштето ни кажа дека директорката Менче Зафирова е на час, и како ќе и ја пренесе нашата порака, со цел да стапиме во контакт.
Откако и по неколку часа не добивме повратен одговор, повторно се јавивме во училиштето, каде секретарката ни кажа дека и ја пренела пораката на директорката, но не смеела да ни го даде нејзиниот телефонски број. Ни беше даден бројот од лицето Јагода Јосифова, која наводно била надлежна за екскурзијата, но таа не одговори ниту на нашите телефонски повици, ниту на СМС пораките.
Обвинувања на сметка на туристичката агенција и врз професорите кои биле на екскурзијата доаѓаат од сите страни. На социјалните мрежи се бара одговорност за настанот и реакција од МОН. Дел од граѓаните тврдат дека дисциплината кај голем број на ученици е под секое ниво, но сепак, во никој случај децата не смееле да бидат оставени сами.
Преземено од Фокус