Соседните земји ја поздравија ратификацијата на Договорот во Собранието

Бугарскиот премиер Бојко Борисов упати денеска честитки до Македонија поради ратификувањето на Договорот со Грција, оценувајќи дека тој чекор е „храбар и претставува пресврт“.

– Следните денови се клучни не само за Македонија, туку и за Западен Балкан. Ги повикувам сите пријатели од ЕУ да учествуваат во напорите со цел постабилна и побезбедна Европа, порача Борисов на својот налог на Твитер.

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ пак изјави дека Србија не и честитала на Македонија за Договорот за решавање на спорот со Грција, бидејќи нема што да се честита.

– Не честитавме бидејќи немаме што да честитаме. Имаме позитивно мислење и поддржуваме секаков договор со кој се договара работите да се решат по мирен пат, изјави денеска Дачиќ, прашан дали Србија и честита на Македонија.

Дачиќ, на прес-конференција со неговиот колега од Либерија, рече дека договорот меѓу Атина и Скопје е билатерално прашање и дека Србија нема потреба да се вклучува, бидејќи не е поканета.

– Секако дека сакаме да се реши и посакуваме среќа и на Атина и на Скопје, да не влегуваме во тоа кој како се вика, и тоа да придонесе за стабилноста на регионот, изјави Дачиќ.

 

 

Translate »