Вистината за кокосовото масло
Во последните неколку години терминот „суперхрана„ доби огромна маркетиншка важност, со цел да се покаже нутритивната супериорност на еден производ наспрема друг. Кокосовото масло, како исклучително вреден нутритивен производ, ја доби назнаката „суперхрана„ уште во 2003 година кога група научници ги изјавија придобивките од средноланчаните масни киселини кои се содржат во маслото.
Кокосовото масло е составено од 80% заситени масни киселини, податок што се смета за загрижувачки помеѓу нутриционистите, поради фактот што внесот на заситени масни киселини се поврзува со незаразните болести – угоеност, кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2. Но, овде важно е да се истакне дека најголем дел на заситените масти претставува лауричната киселина. Научни студии потврдуваат дека лауричната киселина има позитивен ефект кон човековото здравје, за разлика од останатите видови заситени масни киселини. Тука спаѓаат придобивките како што се антибактериско дејство, подобрување на дигестијата, негување на кожата и усните (Ghani et al., 2018).
Од друга страна, најновите клинички истражувања врз здрави лица ги истакнуваат придобивките на кокосовото масло врз кардиоваскуларниот систем, во споредба со путерот (Khaw et al., 2018). Кокосовото масло значително го зголемува ХДЛ холестеролот во споредба со путерот, истовремено намалувајќи го ЛДЛ холестеролот што го доведува на слично ниво како маслиновото масло (Chinwong, Chinwong, & Mangklabruks, 2017). Студија од 2015 година дошла до заклучок дека кокосовото масло е исклучително вредна намирница за намалување на ризикот од коронорни срцеви заболувања, со намалување на обемот на струкот и зголемување на ХДЛ холестеролот. (Cardoso, Moreira, Oliveira, Raggio Luiz, & Rosa, 2015)
Други научни истражувања го истакнуваат подобрувањето на когнитивните функции на пациенти со Алцхајмерова болест при внес на кокосово масло во адаптирана Медитеранска диета. (La Rubia Ortí et al., 2018)
Согласно горенаведените информации, неоспорен е фактот за корисноста на кокосовото масло. Важно е да не се елиминираат здрави намирници и да не се заборави дека клучот за се во животот е умереност, посебно кога станува збор за исхраната и водење на здрав животен стил.
Вклучете го кокосовото масло во секојдневната исхрана, како додаток во кремови, салати, десерти, филови или за готвење. Консумирајте го самостојно, 1 супена лажица, 1-2 пати на ден.
Дополнително, искористете го дејството на нутритиентите од кокосот за регенерација на сува и испукана кожа, за зголемување на еластичноста и превенција од кожни заболувања – дерматит, егзема и псоријаза.