Одлуките на АСНОМ се отстрануваат, прогласот влегува во премабулата
Уставот ќе се менува со четири амандмани. Владата и новата пратеничка група од опозицијата, чиј координатор е Елизабета Канческа Милевска до доцна синоќа го усогласувале текстот. Премиерот Заев се надева дека ќе има и други пратеници кои ќе дадат подршка.
Директно го повика пратеникот Панчо Минов, но и останатите да се ослободат од предрасуди, да ги подржат амандманите или евентуално да ги подобрат, но нови не може да се предлагаат.
Со првиот амандман името Македонија се менува во Северна Македонија, секаде во Уставот освен во членот 36, каде што има историско значење. Но, вметнати се барањата на новата опозициска пратеничка група – амандманите да стапат на сила само само ако Грција го ратификува договорот, како и тоа смената на името за внатрешна употреба да оди постепено.
„Стапува на сила откако грчкиот парламент ќе ја ратификува спогодбата и протоколот за пристап во НАТО. Тоа значи дека ја добиваме и конечната гаранција за членство во НАТО имајќи во предвид дека Македонија нема други спорови со било која друга земја членка на НАТО. Третиот дел е нешто кое ќе биде вградено во уставниот законик, а тоа е делот на внатрешната примена на употребата на новото име. Се работи за кокументи и материјали“ – изјави Зоран Заев, Претседател на Влада на РМ
Вториот амандман се однесува на Преамбулата на Уставот. Тука одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ.
„Делот на АСНОМ се осврнува на прогласот од АСНОМ наместо на одлуките на АСНОМ, затоа што би предизвикало одредени проблеми тоа ако остане во можни идни времиња на соработката помеѓу Македонија и Грција. Тоа е така, бидејќи дел од одлуките на АСНОМ велат Македонци од Грција и Бугарија обединети се, тоа не е пријателство“ – изјави Зоран Заев, Претседател на Влада на РМ
Во истиот овој амандман се додава и додава и Охридскиот рамковен договор за да биде конститутивен елемент на државата. При тоа премиерот Заев појасни дека Охридскиот рамковен договор и до сега бил целосно вграден во Уставот, а во разговорите со пратениците било одлучено кога веќе се отвора Уставот, да се вгради и насловот на Рамковниот договор како конститутивен елемент затоа што тој е ионака е дел од Уставот.
Третиот амандман гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, што според предлагачот на амандманите дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи.
Во четвртиот амандман има пет точки со кои се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
При тоа премиерот посочи дека за првпат во Македонија е обезбедено двотретинско мнозинство за вака важни прашања за државата, а дека помирувањето што се најавува во Собранието во никој случј нема влијае на владеење на правото, односно дека ќе се води транспарентен процес во постапката за помирување.