Граѓаните ќе плаќаат данок на дохот од 15 отсто на дивидендите и на каматите од депозитите

Данок на доход со стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат на дивидендите, на каматите од депозитите, на каматите од заеми на физички и правни лица, на каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност. Ова е предвидено во нацрт-предлогот на новиот Закон за данокот на личен доход, кој завчера го најави министерот Драган Тевдовски со чие донесување треба да стартува даночната реформа.

Според објаснувањето на Министерството за финансии, данокот на камата од заштеди ќе почне да наплаќа од 2020 година, а останатите даноци ќе се наплаќаат веќе од 1 јануари 2019 година.

За камати од депозити, во кој влегуваат трансакциски депозити, штедни депозити и други депозити, како и на каматите од хартии од вредност граѓаните ќе плаќаат данок на доход по стапка од 15 отсто, ако износот на пресметаната камата на годишно ниво надминува 15.000 денари во противвредност од валутата на депозитот.

Данок по стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат за доходот остварен од индустриска сопственост, доходот од кирии, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.

Прогресивна даночна стапка од 18 отсто се воведува за доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи ако обврзниците годишно заработат над милион и осумдесет илјади денари.

Според член 11 од нацртот на новиот Закон на доход доколку по овие основи физичките лица на годишно ниво оствариле доход до милион и осумдесет илјади денари (1.080.000), оваа сума ќе се даночи по стапка од 10 отсто. Со стапката од 18 отсто ќе се даночи само сумата што е над милион и осумдесет илјади денари.

На месечно ниво со даночна стапка од 10 отсто ќе се даночи сумата до 90.000 денари, а со даночна стапка од 18 отсто само сумата над 90.000 денари.

Прогресивна даночна стапка се воведува на доходот остварен во самостојна стопанска дејност, односно за оние што самостојно работат во производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност. Прогресивен данок на доход ќе плаќаат и хонорарците кои работат професионални и други интелектуални услуги, односно вршат доходот од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултантска, сметководствена, ревизорска, проценителска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.

И земјоделците кои имаат приход од продажба на сопствени производи надвор од зелени пазари, туку на исплатувачи кои водат деловодни книги ќе плаќаат прогресивна даночна стапка. Оние земјоделци што ќе остварат приход над милион денари на годишно ниво најдоцна до 15 јануари следната година треба да се регистрираат за вршители на дејност. Земјоделците кои остваруваат приход од продажба на сопствени земјоделски производи во рамки на зелените пазари ќе се оданочуваат паушално.

Со овој предлог закон се предвидува Управата за јавни приходи (УЈП) да изготви годишна даночна пријава за обврзникот и да му ја достави најдоцна до 30 април наредната година. Даночните обврзници треба да ја потврдат точноста на податоците или да ги коригираат најдоцна до 31 мај наредната година. Доколку не ја потврдат или коригираат до овој рок таа ќе се смета за потврдена.

Translate »