Доктор Јанева: Загадениот воздух „убива“ повеќе од сидата, туберкулозата и маларијата заедно

loading...

Несомнено е дека загадениот воздух е најголемиот предизвикувач на рана смрт, и според Светската здравствена организација (СЗО) во светот умираат околу 4,2 милиони луѓе годишно, многу повеќе од заболените од сида, туберкулоза и маларија заедно. Загадувањето на воздухот е поекстремно изразено во земјите во развој, а најалармантна и најзагрижувачка е ситуацијата во јужна и источна Азија, Индија, Кина, Пакистан и во Иран во кои се наоѓаат најзагадените градови во светот. И Македонија е на оваа листа, за жал, според најновите истражувања таа е на шестото место во светот.

Во Македонија веќе неколку години е актуелен проблемот со загадувањето на воздухот, но сметам дека сѐ уште не се преземаат сериозни мерки за прогресивно подобрување на квалитетот на воздухот. Сепак, тоа не е процес кој би се решил преку ноќ, но е проблем за кој треба да се грижиме сите заедно. Очекувам дека надлежните институции веќе се во тек со светските пракси и дека Македонија во скоро време ќе успее да се исправи пред овој предизвик.

Граѓаните како да станаа експерти, па постојано ги користат поимите „високи концентрации на честичките 2,5 ПМ и 10 ПМ во воздухот“. Што, всушност, ни се случува во нашиот организам при вдишување на овие таканаречени опасни честички и која е најдобрата одбрана од нив?

– Загадениот воздух се состои од комплексна мешавина на цврсти и течни материи од органско и неорганско потекло. Дел од нив се ПМ честичките, чии главни компоненти се сулфат, нитрат, амонијак, натриум хлорид, катран, минерален прав и можат да имаат различна големина. Честичките 10ПМ, имаат 10 микрометри во дијаметар, тие се најголеми, најмногубројни и главно се задржуваат на лигавицата на горните дишни патишта. Честичките 2,5ПМ имаат 2,5 микрометри во дијаметар и можат да навлезат до најмалите дишни патишта т.н. во алвеолите. Тие не само што ги оштетуваат белите дробови, туку влегуваат и во крвниот проток.

Загадениот воздух повеќе не е невидлив убиец, загадувањето не запира, бројот на пациенти е во пораст. Колку се точни информациите дека освен респираторните и кардиолошките болести, загадениот воздух е причина за неколку илјади годишно заболени од рак?

– Аерозагадувањето доведува до влошување на состојбата на хроничните респираторни заболувања (астмата, хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), пневмонијата, алергиите и кардиоваскуларни заболувања (кардиомиопатии, инфарктот…). Исто така, долготрајната изложеност на аерозагадувањето може да даде одредени симптоми и кај здравата популација, а како највулнерабилна категорија би ги истакната малите деца, бремените жени и повозрасните лица над 65 години кои најчесто се жалат на чешање, печење и солзење на очите и носот, отежнато дишење, стегање, свирење во градите, надразнителна сува кашлица, а се последица на воспаление на лигавицата на респираторниот систем, односно на белите дробови.
Постојат многу студии кои го поврзуваат аерозагадувањето со појавата на неколку видови на рак, а како најчест се издвојува ракот на бели дробов. Но, неколку неодамнешни студии, спроведени во Европа и во Америка, ја идентификуваат врската помеѓу загадувањето на воздухот и зголемениот ризик од појава на рак на дојка, црниот дроб, панкреасот и уринарниот тракт.
Оваа година излезе студија која е публицирана во Journal of Investigative Medicine, 2018, во која се истакнува дека високите концентрации на фини честички (PM2.5) и во помала мера, озонот, може да бидат поврзани со зголемен ризик од развој на рак на устата.

Дали заштитната маска е решение против аерозагадувањето. Во тој контекст, прочистувачите на воздух во последно време како да станаа тренд. Дали тие навистина се спасот, имајќи предвид дека амбиенталниот воздух е енормно загаден, а основно за еден прочистувач е тој да врши замена на воздухот?

– Препораките се дека кога амбиенталниот воздух е енормно загаден, треба да се избегнува физичка активност, трчање, вежбање, движење на отворен простор или доколку е неопходно да се престојува надвор, потребно е да се користат специјализирани маски со филтри. Доколку е многу загадено, препораките се дека треба да се затвораат прозорците и да користат прочистувачи на воздухот.
Во овој период пожелно е да се употребуваат антиоксиданти во форма на сокови или свежо овошје и зеленчук кои се богати со витамини Е, Д и Ц (агруми, темно зелен зеленчук како брокула и спанаќ се добри извори на витамин Ц). Кога тие се консумираат во нормални дози имаат докажан ефект во намалувањето на штетното влијание на оксидативниот стрес врз клетките.

повеќе на:

 

Translate »