Заев: Македонскиот идентитет е заштитен со член 49 во амандманот 36
Инклузивност во процесот за измени и дополнувања на Уставот, издигнување над партиските интереси во насока на обезбедување на перспективите на Македонија во НАТО и во ЕУ, а Парламентот да биде Форум за натпревар на идеи. Ова, меѓудругото, се пораките што премиерот Зоран Заев ги упати на пленарната седница за амандманите 33, 34, 35 и 36 што ги утврди Комисијата за уставни прашања во Собранието.
„Процесот за неопходните измени во Уставот ги инициравме во име на заедничките вредности, а со цел Македонија да биде подготвена за нејзината просперитетна европска иднина за која сите се боревме и сонувавме 27 години“, рече Заев и нагласи дека сите треба да ја понесат големината на историскиот процес низ кој минува земјата.
На седницата тој потсети на содржината на предложените нацрт амандмани. Со амандманот 33 во Уставот се додава придавката „Северна“ пред Македонија, со амандманот 34 се интервенира во преамбулата и „одлуките од АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од АСНОМ“ и се додава „Охридски рамковен договор“.
„АСНОМ не се брише од Преамбулата. Напротив. Се споменува двапати како повикување на правните решенија што се содржани во Прогласот што се темел на нашата државност“, порача претседателот на Владата.
Амандманот 35 се однесува на негово дополнување со реченицата „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, па затоа и во членот 3 се даваат дополнителни гаранции за трајноста и неменливоста на македонските граници со соседите.
„Со интервенциите во амандманот 36 се преформулира сегашниот член 49 и во него ќе стои дека Републиката го штити, гарантира и негува историското и културно наследство на македонскиот народ. Се гарантираат заштитата на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Притоа е пропишано и дека Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи. Со ова се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија рече дека процесот на уставните измени со предложените амандмани треба да заврши со одлука во македонскиот Парламент за која е потребно двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници. Во неа, како што објасни Заев, ќе пишува дека овие амандмани се составен дел од Уставот на Република Македонија и ќе стапат на сила во денот на влегување во сила на конечната Спогодба за решавање на разликите што се опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1993 година за престанување на важноста на привремена спогодба од 1995 година. Или поедноставно, измените во Уставот ќе важат, откако Грција ќе ги спроведе своите обврски од преспанскиот Договор. novatv.mk